За Акуа Нару, поезијата и што значи да се биде жена

Минатата вечер со концерт на Акуа Нару беше затворено шестото издание на „Прво па женско“, Фестивал за феминистичка култура и акција. И тоа е најсоодветното место каде требаше да се случи овој концерт.

Акуа Нару и нејзиниот надреално талентиран бенд, иако со наивен и лесен почеток, успејаа да направат концерт кој долго ќе се памети. Иако релативно непозната на светот (статијата за неа на Википедија е никулец и ја има само на германски јазик), џез/хип хоп артистката е вистински „ем-си“ – во секој момент од својот настап владееше со атмосферата и знаеше многу вешто да го сврти вниманието на сите, без разлика дали преку размрдување, рапување или разговор со публиката.

Бендот на Нару, DIGFLO, особено ме импресионираше. Не очекував толку импровизирање и таков квалитет. Секој член беше особен и фасцинантен на свој начин, но не можам, а да не ги издвојам гитаристот од Того, како и тапанарот. Не сум слушала многу тапанари во хип хоп музиката, ама ако врвот е Questlove од Roots, можам да кажам дека ова е најблизу што сум стигнала до неговото свирење во живо.

Поезијата на Нару на моменти достигнуваше размери на „gospel preaching“, додека зборуваше за тоа како ништо не е недостижно, ако решиш да се жртвуваш и со срце да го работиш. И во тој момент сфатив зошто е совршениот избор за да затвори настан како „Прво па женско“.

Прво, енергијата, емпатијата и отвореноста која Акуа ја имаше кон својата публика, тврдам дека може на сцена да ја спроведе само жена. А кога таа жена рапува, би помислиле дека е невозможно да биде сензуална и секси. Но, нејзе ѝ успева. Акуа Нару прави да си горда што си жена додека ја гледаш на сцена, има еротицизам и женственост во неа, и те тера да ја откриеш и во себе.

Второ, хип хоп/рап изведувач за повеќето е синоним за силеџија, речникот кој се користи е обсцен, директен и најчесто, мизогинистички.  Иако рапот и хип хопот отсекогаш биле медиум за пренесување на политички став, револуција, black empowerment и зајакнување на црнечката заедница, раперите кои сите ги знаат, кои се мејнстрим, заработуваат продавајќи „генгста“ начин на живот, пеејќи за фелацио додека околу нив играат жени со големи бутини.

Секако, низ годините ги имало NWA, Тупак, A Tribe Called Quest, Кендрик Ламар и многу други кои својата музика ја користеле за нешто многу поголемо од слава и пари. Но ги има и таквите како Акуа Нару, кои иако подеднакво политички, музички квалитетни и креативни, распродаваат концерти во МКЦ, а не на Медисон Сквер Гарден. Сакам да кажам – тешко е да се биде црн во Америка, но уште потешко ако си црна жена. А најтешко ако си жена раперка.

Акуа Нару е една од грст жени во хип хопот. Низ историјата, таквите се бројат на две раце – Ерика Баду, Лорин Хил, Миси Елиот, Ив… Да, тешко е да се сетите на други жени-џинови во овој жанр. И од тие кои ги има, ретко која добила критичко признание за својата работа, иако милиони фанови во светот растеле и се граделе со нивната музика.

Затоа, на светот му требаат повеќе жени како Акуа Нару. Му требаат повеќе вечери во кои сите во еден глас ја пејат „Poetry (How does it feel)“. Му треба да учи повеќе за проблемите и пречките на другите. Му треба поезија. И многу, многу повеќе џез.

Стефанија Тенекеџиева