Втора „Smart Up“ конференција за поттикнување претприемништво кај младите

Untitled-11SWT Alumni Македонија ја организира втората по ред „Smart Up“ конференција, чија основна цел е да ги мотивира и да го поттикне претприемачкиот дух на младите во Македонија. Настанот ќе се одржи утре (15 октомври) на Економскиот факултет во Скопје.

Втората по ред „Smart Up“ конференција ќе започне во 17:30 и ќе трае до 20:30часот. Програмата на конференцијата ќе биде поделена во два дела, а официјално ќе биде отворена од страна на американскиот амбасадор во Македонија, Н.Е. Пол Волерс и продеканот за настава на Економски факултет Скопје, проф. д-р Билјана Секуловска Габер.

Во првиот дел, десет млади претприемачи кои беа дел од првата Start Up академија, во две минутна презентација, ќе ги претстават нивните бизнис модели на кои работеа во последниве 10 месеци. Во вториот дел пак присутните ќе имаат можност да ги слушнат успешните приказни, подемите и падовите со кои се соочиле луѓето во бизнисот како Божидар Јанковски, сопственикот на Diners Club International во Македонија, Елеонора Згоњанин, сопственик на штедилницата „Фулм“ и д-р Стојан Дебарлиев, доцент на Економскиот факултет. Модератор на конференцијата ќе биде Ана Јовковска.

Настанот е поддржан од Американската амбасада во Македонија, Американската стопанска комора во Македонија, CEED Македонија и Економскиот факултет во Скопје.

Организаторот, Summer Work & Travel Алумни Македонија (SWT Алумни) е непрофитна организација, доброволно формирана од група на млади студенти, по иницијатива на американскиот State Department. Основна цела на SWT Алумни е создавање на интерактивни и развојнo кариерни програми и иницијативи кои ќе им овозможат на младите целосно да ги развијат своите вештини и знаења за да можат полесно да ги имплементираат своите иновативни идеи на македонскиот пазар.

Во текот на целиот настан Радио МОФ ќе врши директен видео пренос во живо.