Втора „Ноќ на идеите“ на тема „Светот во заедништво“

Францускиот институт во Скопје во четврток (26 јануари) во 19 ч. по втор пат ја организира Ноќта на идеите во Скопје, во рамките на која ќе гостува еминентниот француски професор и научник Жил Беф.

Ноќта на идеите е на тема „Светот во заедништво“. Се работи за меѓународен настан, една значајна средба посветена на современата мисла и на споделувањето на идеите на светско ниво. Францускиот институт во Скопје во текот на 2017 година ќе организира дебати и средби на четири значајни теми од кои првата средба ќе биде на тема улогата на науката, и токму  во рамките на Ноќта на идеите.

Настанот започнува во 19 часот, во ЕУ инфо центарот. Ќе се дискутира на тема „Улогата на науката денес“, а ќе предава Жил Беф, професор на универзитетот Пјер и Марија Кири во Париз и на Колеж де Франс и експерт по физиологија на животната средина и биодиверзитет. Воедно, со свое излагање ќе настапи и г-дин Јордан Шишовски, доцент на Институтот за општествени и хуманистички науки.

На настанот е обезбеден и симултан превод.