Вработени во Гугл протестираат што компанијата работи за Пентагон

Њујорк Тајмс објави отворено писмо од преку 3.000 вработени во Гугл упатено до генералниот директор на интернет гигантот, во кое тие бараат компанијата да не соработува на програмата за разузнавање, заснована на вештачка интелигенција, на Пентагон, која се употребува во воените акции со дронови.

Писмото го пренесуваме во продолжение во целост:

„Драг Сундар,

Веруваме дека Гугл не треба да биде во воениот бизнис. Затоа бараме да се откаже „Проектот Мејвен“ и Гугл да изработи, објави и да спроведе јасна политика дека ниту Гугл ниту нејзините подизведувачи нема никогаш да создаваат воена технологија.

Гугл го спроведува „Проектот Мејвен“, прилагодлива програма за разузнавање со вештачка интелигенција која користи „фотографии на движење на огромни пространства – wide area motion imagery“, направени од владините дронови на САД, за да регистрира возила и други објекти, да го следи нивното движење и да обезбеди резултати на Министерството за одбрана.

Вработените во последниот период ги искажаа нивните грижи внатрешно околу „Проектот Мејвен“. Дајан Грин одговори, разубедувајќи ги дека технологијата нема да „придвижува дронови“ и нема да се „користи за употребување на оружје“. Иако ова ги елиминира тесниот сер на директни примени, технологијата е направена за војската и кога еднаш ќе им биде доставена, лесно може да се користи за асистенција во овие задачи. Овој план неповратно ќе направи штета на брендот на Гугл и нивната можност да останат конкурентни.

Покрај растечката загриженост од пристрасна и вооружена вештачка интелигенција, Гугл веќе се бори да ја одржи довербата на јавноста. Со прифаќање на овој договор, Гугл ќе се придружи на компаниите како Палантир, Рајтеон и Џенерал Дајнемикс (технолошки и индустриски компании кои работат за американската армија н.з.). Аргументот дека други компании, како Мајкрософт и Амазон, исто така учествуваат не ја прави ситуацијата ништо помалку ризична за Гугл. Уникатната историја на Гугл, неговото мото „немој да бидеш зол“ и неговиот директен пристап до животот на милијарди корисници, го издвојува од другите.

Не можеме да ја препуштиме моралната одговорност на нашите технологии на трета страна. Декларираните вредности на Гугл се јасни: секој еден наш корисник ни верува. Никогаш немојте да го загрозите тоа. Никогаш. Овој договор ја става репутацијата на Гугл во ризик и е директно спротивен на нашите основни вредности. Градење на оваа технологија за помош на американската влада во воено разузнавање – и потенцијално смртоносни последици – не е прифатливо.

Препознавајќи ја моралната и етичка одговорност на Гугл и заканата по угледот на Гугл, ние бараме од вас:

  1. Откажете го веднаш проектот.
  2. Подгответе, објавете и спроведете јасна политика дека ниту Гугл ниту нејзините подизведувачи никогаш нема да прават воена технологија.“, стои во отвореното писмо.