Водени топови и шок бомби на протест во Минск – стотици уапсени, меѓу нив има и новинари

Неколку стотици демонстранти беа уапсени на вчерашниот протестот на кој учествуваа десетици илјади луѓе, барајќи оставка од долгогодишниот претседател Александар Лукашенко, пренесува српски „Н1“.

Од организацијата за заштита на човековите права „Весна“ соопштија дека на протестот во Минск кој полицијата се обиде да го растури со водени топови, шок бомби и пендреци, имало околу 100.000 луѓе, додека десетици демонстранти биле повредени. Министерството за внатрешни работи на Белорусија за „Франс прес“ ја потврдија информацијата дека полицијата употребила водени топови и шок бомби.

Организацијата „Весна“ објави список на демонстранти уапсени низ целата земја, во кој има повеќе од 300 лица, додека од Белоруската асоцијација на новинарите соопштија дека меѓу уапсените има најмалку 35 новинари.

Претседателот на организацијата „Весна“, Алес Бијалијатски за „АП“ изјави дека полицијата не растурила протест толку остро како денешниот во Минск, од средината на август.

Како и претходните недели, протести вчера се одржаа и во други градови, вклучувајќи ги Брест, Витебск и Гродно.

Претседателот Лукашенко во саботата отиде во затвор во Минск за да разговара со уапсените опозициски активисти. Од неговиот кабинет соопштија дека неговата цел била „да се чуе сечие мислење“. Аналитичарите пак, оценија дека Лукашенко со ваквиот потег сакал да имитира дијалог, со цел да ја ослабне протестната енергија и да ги намали тензиите во општеството.

Бијалијатски од организацијата „Весна“ рече дека Белорусите „наместо дијалог, добија уште едно силно растурање на протестите, со претепани и повредени демонстранти“.

Опозициската лидерка Светлана Тихановскаја која неочекувано стана главен ривал на Лукашенко на изборите, изјави дека дијалогот со властите може да започне дури откако ќе престанат апсењата и по ослободувањето на политичките затвореници.

Тихановскаја која пребегна во Литванија веднаш по изборите на 9 август, ги повика граѓаните да продолжат со мирните протести. „Ние ќе продолжиме да доаѓаме на протестни прошетки и да бараме нови слободни и транспарентни избори“, рече Тихановскаја.

Белорусија е погодена од политичка криза по претседателските избори, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, иницирани од официјалните резултати според кои Лукашенко освоил 80% од гласовите. Неговите противници тврдат дека изборите биле лажирани.

И покрај напорите на властите да ги задушат протестите со апсења и респресија над демонстрантите и активистите, нема индиции дека интензитетот на демонстрациите слабее.

Протестите траат веќе два месеци, а најголем број демонстранти излегуваат на улиците во неделите. На еден од протестите забележано е присуство на 200.000 луѓе.

Лукашенко кој со Белорусија владее од 1994 година ги обвинува западните земји за поттикнување на протестите.