Во време на онлајн настава, студентите од Филолошки без информации и факултетски веб-сајт

„Сајтот на Филолошки не работи веќе повеќе од месец дена, нема никаков контакт од студентски, платформата на „Мајкрософт тимс“ се направи и никогаш ништо не чув и не добив известување од таму. Патем сум вонреден и сум во темница за што било со испитната сесија и административниот процес кој следи — најмногу поради тоа што немаме сајт од каде да добиваме информации“, вели Стефан Петровски, студент на Филолошкиот факултет.

Во време кога сета настава е префрлена онлајн, главното место за информирање на студентите, сајтот на Филолошкиот факултет не работи.

Тој вели дека соопштенија нема ни на веб-сајтот „In Medias Res“, кој е официјалната алтернатива за информирање на студентите во моментов, ниту за јунската сесија, ниту за уписи и заверки.

„Веб сајтот „In medias res“ го проверив, но нема никакви новости. „Фејсбук“ групата на Филолошкиот факултет исто нема соопштенија“, истакна Петровски.

Тој вели дека студентите можеле да добијат и информации преку мејл, но тоа не се случило, додавајќи дека студентите засега добиле покана за вмрежување на „Мајкрософт тимс“.

Од Факултетското студентско собрание на Филолошкот факултет велат поради технички проблеми на страната на факултетот, моментално се користи алтернативата „In medias res“, но и дека соопштенијата не содржат конкретни информации за јунската сесија бидејќи такви одлуки сè уште не се донесени, со оглед на непредвидливата ситуација.

„Деканатската управа се обидува да најде начин како да се одржи сесијата без да бидат оштетени студентите, не знаеме дали ќе биде електронски или физички, ништо не е одлучено. Нашиот став во врска со сè ова е дека ќе се потрудиме ние како студенти да го најдеме најдобриот начин за сите“, велат од ФСС за Радио МОФ.

Од факултетското собрание соопштуваат дека ситуацијата е неизвесна, па нивниот совет до студентите е да бидат трпеливи и да почнат со подготовка на испитите, нагласувајќи дека тие сепак ќе бидат известени.

Кратко откако Радио МОФ побара одговор од ФСС, тие на Фејсбук објавија во меѓувреме, студентите да проверуваат за информации на сајт, поткренат од платформата Moodle, додавајќи дека инструкциите за логирање ќе се добијат навремено.

Радио МОФ по мејл побара коментар и од Филолошкиот факултет.