Во Стоби е откриена мермерна скулптура на богот Дионис

Минатата недела на археолошкиот локалитет Стоби е откриена мермерна скулптура со претстава на богот Дионис, соопштија од НУ Стоби.

Откритието е резултат на археолошките истражувања во рамките на летната интернационална школа за теренска археологија.

„Скулптурата која најверојатно била изработена во 2-3 век од н.е. е сочувана во височина од околу 50 см. Откриена во секундарен контекст, односно во остатоците од срушен ѕид од куќа од 6-иот век, каде била употребена како градежен материјал. Токму поради тоа недостасуваат главата, десната рака и постаментот со стопалата. Со оглед на тоа што во 6-иот век, христијанството е доминантната религија, чест е случајот на уништување и употреба на скулптурите на паганските божества од претходните векови како градежен материјал“, велат од НУ Стоби.

Како што појаснуваат од институцијата, новооткриената скулптура го претставува богот на виното, плодноста, театарот и религиозната екстаза потпрен на стебло обвиено со винова лоза од која висат гроздови. Дионис е полугол, со наметка околу неговото лево рамо и долната половина од телото. До неговата лева нога е претставен пантер, кој е еден од неговите главни симболи, покрај виновата лоза, бршленот, тирсот (специфичен стап со врв од шишaрка) и кантаросот (пехарот) со вино.

Инаку ова не е прва мермерна скулптура на Дионис во Стоби и во минатото се откриени една цела претстава, две глави и една рака. Сепак, ова е прва скулптура на Дионис од овој тип на локалитетот и нејзиното значење во поширок археолошки контекст ќе биде прецизно утврдено со понатамошните анализи, велат од НУ Стоби.

Интернационалната школа за археологија во Стоби се одржува десетта година по ред и е резултат на соработката на Националната установа Стоби со фондацијата Балканско наследство од Бугарија. Оваа сезона, во школата учествуваат 17 студенти и волонтери од САД, Канада, Кина, Шведска, Ел Салвадор и Австралија.