Во Старата скопска чаршија отворена „Лабораторија за урбано живеење“

Во Старата скопска чаршија беше отворена новата „Лабораторија за урбано живеење“(Urban living lab) во Скопје. Станува збор за нова просторија која се отвора во рамките на европскиот проект „РОК“ (ROCK) – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, изјавил дека враќањето на животот во стариот дел на градот е стратешка определба на локалните власти, додавајќи дека посветено работат за културното наследство да биде достапно за сите.

„Оваа Лабораторија треба да претставува центар на акции, односно процесите што ќе почнат во неа ќе обезбедат нов увид во потенцијалот и зачувувањето на културното наследство, со што ќе се создаде можност за квалитативна просторна повторна употреба, која ќе отвори работни места во креативните индустрии, истовремено ќе го ублажи влијанието врз климата и ќе овозможи демократски и фер односи“, потенцираше Шилегов.

Од Град Скопје информираат дека деновиве во градот се одржуваат голем број на активности поврзани со проектот „РОК“, меѓу кои и второто генерално собрание на кое учествуваат 36 партнери од 13 земји, кои дискутираат за досегашните резултати од проектот и планот за идните активности.

Проектот „РОК“ се фокусира на историските центри во градовите кои ќе ги користи како „теренски лаборатории” на културното наследство и да покаже како тоа може да биде уникатен и моќен двигател на возобновување, одржлив развој и економски раст за целиот град. Во рамките на овој проект успешни иницијативи за регенерација на културното наследство ќе се земаат од 7 избрани градови: Атина, Клуж – Напока, Ајндховен, Ливерпул, Лион, Торино и Вилнус. Добрите практики од овие градови ќе се реплицираат и ќе бидат тестирани во 3 „репликатор“ градови: Болоња, Лисабон и Скопје.

Градот Скопје во овој проект учествува како град-репликатор, и притоа треба да преземе дел од добрите практики од избраните градови и истите да ги имплементира. Градот Скопје во рамките на овој проект своите активности ќе ги фокусира во старото градско јадро на Скопје, каде што преку имплементирање на голем број креативни методи и алатки од информатичката и комуникациската технологија ќе се работи на негова трансформација во центар на културата, знаењето и технолошкиот развој.

Како локации на кои ќе се спроведуваат активностите во рамки на проектот „РОК“ се избрани тврдината Кале, Старата скопска чаршија и старото Еврејско маало.

Проектот „РОК“ е финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020.