Во ресторан во Лондон ќе се служи „фрлена“ храна приготвена од врвни готвачи

Гордон Ремзи, Рене Реџепи, Том Кериџ и Клер Смит се само дел од готвачите наградени со Мишелин ѕвезда, кои ќе готват заедно со њујоршкиот готвач Ден Барбер во поп ап ресторан во кој ќе се употребува исклучиво фрлена храна.

Барбер „регрутира“ значајни имиња од Велика Британија и Европа. Ресторанот ќе работи по тој принцип што гостите нема да знаат кој светски познат готвач ќе им ја приготвува храната тој ден, во елитниот ресторан на покрив во Лондон.

Во сличен ресторан кој Барбер го отворил во Њујорк, за резервација се чека и неколку месеци. Таму, тој готви со храна основана на зеленчук, одгледуван во неговата фарма. Ресторанот беше прогласен за најдобар во САД за 2016 година.

Сега, новиот „поп ап“ ресторан во Лондон, кој е именуван wastED, ќе работи од 24 февруари до 2 април. Неговото мени ќе содржи храна создадена со цел да ја зголеми свеста за фрлањето на храна. На заинтересираните муштерии им е најавено „да очекуваат чудни рецепти со кожа и коски и други состојки кои вообичаено не би ги очекувале“.

Оригиналниот wastED ресторан бил исто така „поп ап“ во Њујорк, пред две години.

„Ова е многу возбудливо“, вели Барбер. „Да се состави мени во различен град значи да се биде принуден да се учи за неговата историја и земјоделските можности. А храната и рестораните во Лондон се многу живописни“.

Барбер е водач на движењето за храна „од фарма на маса“, каде готвачите работат со локални одгледувачи на производи и ги користат најсвежите органски состојки во менијата. Преку тој начин, промовираат одржливо земјоделство, им даваат можност на локалните земјоделци и рибари, а поттикнуваат и здрава исхрана. Но, вели дека ваквите идеи нема да помогнат во проблемот со фрлањето на храна.

„Јас сакам да се прошири дефиницијата за тоа што е храна за фрлање. Она што го правиме сега е нов начин на користење на храната од фармите – јадење на се од фармата, исто како што животните се јадат ’од опашка до нос’, нешто што луѓето во Англија го претставија на цел свет. Она што го сакам кај Лондон е отвореноста за вакви идеи. Културата во однос на фрлањето на храна е фантастична – многу понапред од она во Америка“.