Во Париз воведен e систем со кој возилата се означуваат во зависност колку загадуваат

Од денеска сите моторни превозни средства во Париз, дури и тие со странски регистерски таблички, ќе треба да имаат ознака (налепница) со различна боја во зависност од тоа колку моторното возило загадува.

Париз е првиот град во Франција каде се воведува таква мерка за борба против загадувањето. Целта е да се запре движењето на автомобилите што најмногу загадуваат.

Бојата варира од зелена (нулта емисија на штетни гасови) преку виолетова боја (Еуро 5/6) до сива (Евро 2 дизел). Париз постави цел да се намали за половина бројот на автомобили и да забрани користење дизел возила до 2020 година.

Во часовите кога има најголемо загадување се воведува диференцирано движење – автомобилите што најмногу загадуваат остануваат во гаражи, а останатите ќе може да се движат. Министерството за заштита на животната  средина побарало 2,5 милиони вињети, а казните се меѓу 68 и 135 евра. Во Париз секој ден се движат околу 600.000 моторни превозни средства.