„Во одбрана на Дебар Маало“ повторно ги повикува граѓаните да ја поддржат идејата за мораториум за градење

„Идејата на Милчо Манчевски и нашата иницијатива за мораториум на градби во Дебар Маало до изработка на издржани студии до сега ја подржавме со над 400 гласа. Да направиме да стане уште погласна, можеби ќе ја чујат одговорните од Општината. До сега, иако е најпопуларна идеја, никаква реакција од Општината не чувме“, велат од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“.

Од таму трврдат дека и натаму се гради на секое слободно ќоше, насекаде има прашина, градежна механизација и незаштитени градежни објекти, а во населбата врие од возила и е бучно и загадено.

„Имаме ли снага заедно да делуваме ова да се смени?“, прашуваат од  иницијативата, апелирајќи до граѓаните да гласаат и да ја поддржат идејата „Здравјето пред профитот“.

Инаку, режисерот Милчо Манчевски преку веб-платформата „Идеи за Центар“ предложи Општина Центар да ги искористи сите законски и практични можности да прогласи мораториум за градење во Дебар Маало и Градски парк се’ додека не се изработат и прифатат издржани научни студии за загаденост, густина на населеност и издржани сообраќајни решенија за овие делови.

Манчевски за Радио МОФ ја потенцираше неопходноста од ваквите студии.

„Со овие студии, би виделе како подобро и поквалитетно да се живее – урбанистичките одлуки да бидат научно издржани, наместо квалитетот на живот на идните генерации да биде на милост и немилост на потенцијално корумпирани општински бирократи и финансиери кои ги интересира само профит по цена на здравјето на граѓаните“, рече Манчевски.

Градоналникот на општина Центар, Андреј Жерновски, минатата недела рече дека целосно ја поддржува идејата, меѓутоа истовремено тврдеше дека општината нема законска можност да стави мораториум за градење во Дебар Маало „за да се заштити овој дел од Центар од урбаната мафија“.

„Сакам да истакнам дека во изминатиот период, откако е дојдено ова раководство, нема нови градби, а незаконски е да се оневозможат градби за кои инвеститорите веќе добиле дозвола од претходното раководство од ВМРО-ДПМНЕ. Во последните три години општината не изгласа ниту една нова градба во Дебар Маало. Ги повикувам на средба претставниците на иницијативата, како и секогаш досега и да најдеме заедничко решение за заштита на Дебар Маало, бидејќи ние сме на иста страна. Со недонесување на нов ДУП, иако не de jure, но de facto ставивме мораториум за заштита на Дебар Маало од урбаната мафија“, изјави Жерновски.

Б.Ш.