Милчо Манчевски и дебармаалци бараат да нема градење во Дебар Маало и Градски парк без претходни студии

Режисерот Милчо Манчевски предложи Општина Центар да ги искористи сите законски и практични можности да прогласи мораториум за градење во Дебар Маало и Градски парк се’ додека не се изработат и прифатат издржани научни студии за загаденост, густина на населеност и издржани сообраќајни решенија за овие делови.

Манчевски за Радио МОФ ја потенцира неопходноста од ваквите студии, а со цел, како што вели, да се подобри квалитетот на живот во општината, особено во Дебар Маало и парк.

„Со овие студии, би виделе како подобро и поквалитетно да се живее – урбанистичките одлуки да бидат научно издржани, наместо квалитетот на живот на идните генерации да биде на милост и немилост на потенцијално корумпирани општински бирократи и финансиери кои ги интересира само профит по цена на здравјето на граѓаните. Инсистираме да се запре дивеењето додека не де изработат издржани студии, да се воведе мораториум, и да се почне со студиите. Ова го бараме од градоначалникот со години, но тој се крие зад бирократски речник, додека урбаното ткиво систематски се уништува за профит, а неповратно. Треба да се мисли глобално, а да се делува локално“, вели Манчевски.

Неговиот предлог за мораториум на градење го презентираше на општинската веб-платформа „Идеи за Центар“, каде можат да се изјаснат и гласаат сите граѓани. Смета доколку постои волја, за остварување на идејата постојат практични можности.

„Неразумно е профитот да биде поважен од здравјето“, пишува Манчевски на сајтот на Општина Центар.

Од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ ги повикуваат граѓаните да гласаат и ја поддржат оваа идеја именувана „Здравјето пред профитот“. Потенцираат дека барањата останале исти и како пред една година – да се направи  маало по мерка на граѓаните. Исто така, велат дека градоначалникот Андреј Жерновски навистина го вратил ДУП-от на повторна изработка, но, сепак, се уште се издаваат дозволи за градби низ Дебар Маало според претходниот план од Владимир Тодоровиќ, кој тврдат е истечен и направен без стратешка оценка за неговото влијание врз животната средина.

Веб-платформата на Центар со предлогот на Милчо Манчевски

Веб-платформата на Центар со предлогот на Милчо Манчевски

„Огромни недоследности во обработката на податоците за густина на населеност – на пример, се предвидува дека по зголемувањето на катноста, ќе се намали густината на населеност. Густината на населеност на Дебар Маало веќе ја достигнала горната граница. Иако е ветено да се почитува законот за изработка на студии за сообраќајот, зеленилото и инфраструктурата, сепак и новиот план се подготвува без ажурирани податоци за реалната состојба и без да се изработат овие стручни студии. Се намалуваат обврските за обезбедување паркинг места (и истите се игнорираат на терен), па целиот крај е задушен со паркирани автомобили, а пешаците и децата се принудени да одат по улици. За жал, промените во законот се направени за овие решенија да поминат, а со тоа да се задоволат барањата само и исклучиво на инвеститорите“, стоеше во забелешките на „Во одбрана на Дебар Маало“ од пред повеќе од една година, кои повторно ги актуелизира оваа иницијатива. Се уште стојат зад сите барања и забелешки.

Дополнително, евидентно е дека низ локалните граѓани владее голема загриженост за аерозагадувањето. Особено ако се знае дека неодамнешни истражувања на ниво на градот Скопје покажаа дека по домаќинствата, сообраќајот е втор со 20%, а прашина создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности со 19 % се трет најголем причинител на загадувањето.

„Сообраќајот е загадувач и во издувни гасови, но и во бучава, но и за него не се бара никаква анализа при работење на ДУП (ниту за моторизиран, ниту за немоторизиран, ниту пак за стационарен-паркинг). Се гради и им се отстапува место на загадувачи, не мерејќи како го уништуваат ниту зеленилото, ниту просторот околу нив, како во тек на градежните активности, така и потоа со објекти за кои ќе има потреба од паркинг и простор по улиците, а со што пешаците и сите други ќе бидат уште позагрозени“, велат за Радио МОФ од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“.

Но, освен со локалните политики за зеленило и паркинг-простор, граѓаните посочуваат дека загадувањето е поврзано и со луѓето кои си седат по кафулиња во Дебар Маало и се „сончаат“, со возила паркирани не повеќе од 5 метри далечина.

За граѓанскиот предлог  за мораториум за градење се обративме и до Општина Центар. Од таму велат дека градоначалникот Андреј Жерновски е во тек со случувањата во општината и идеите на граѓаните.

„Градоначалникот внимателно ги разгледа и слушна сите информации, па со стручните служби на општината се анализира што може да се направи по ова прашање“, велат од Општина Центар, надополнувајќи дека ќе излезат со поконкретни информации кога ќе има конечно решение и одлука.

Б.Ш. – Е.П.