„Во одбрана на Дебар Маало“: Див паркинг опстојува на улицата „Ѓорѓи Пулевски“

Почитуван градоначалнику Андреј Жерновски, вчера не повикавте да ве „поздравиме“ за улицата „Ѓорѓи Пулевски“, а и подобро да се информираме пред да напаѓаме – иако ние не сметаме дека напаѓаме, туку само ги информираме нашите соседи и членови на оваа група што ни се случува во општината, соопштија од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ преку своjата фејсбук-страница.

Од иницијативата информараат дека повторно излегле на терен, овој пат на улицата „Ѓорѓи Пулевски“ и утврдиле дека е точно дека се насадени 10 дрва местото на старите бели брези, за кои, велат, не им е јасно додека ја градеа зградата „зошто мораше да ги исечат, ама благодарност за новите дрва како и за новите тротоари и асвалт на улицата“

„Второ. Зелениот појас кој отсекогаш постоеше помеѓу зградата и тротоарот, не постои повеќе, дрва има но трева нема, на негово место е изграден див паркинг, и покрај тоа што нема место за паркинг само на тој простор, узурпиран е и тротоарот.

Трето. Во ДУП-от не постои паркинг на ова место, така што паркингот е дивоградба, а вие веќе неколку години не реагирате, не ни е јасно зошто.

Четврто. За да им удоволите на узурпаторите што диво го изградија паркингот, зонското паркирање коешто беше планирано да биде делумно на улицата а делумно на тротоарот од страната на дивоизградениот паркинг го префрливте на другата страна на улицата за да не му пречите на диво-изградениот паркинг, така што сега улицата е само паркинг, едвај се поминува.

Петто. После зградата, има дел со стари привремени гаражи на кои е предвиден парк. Прекрасна можност за зголемување на зеленилото во населбата, но не гледаме дека е во план да се разлизира, во моментов тој дел е како стовариште за градежен материјал и шут.

Шесто. Во моментов е во изградба уште една зграда на истата улица, а дел од неа се гради врз тоа што порано беше зелен појас и имаше стари липи. Тоа се е отидено во неповрат, зградата сега надвиснува на улицата, нема да може ни барем дрва на тротоарот да се стават.

Андреј Жерновски, ние немаме намера да ве напаѓаме, најмалку што сакаме е да ги поминуваме и нашите викенди и слободно време кое сите ние не го имаме премалку во занимавање со општински работи, само бараме одговор на прашања што сметаме дека треба да ве засегаат и решенија на проблемите.

На фотографиите има цртеж од ДУП каде јасно се гледа дека нема предвидено паркинг и фотографија од диво-изградениот паркинг, на која се гледа јасно узирпираниот тротар за паркинг и диво поставените сообраќајни знаци дека е тоа приватен паркинг и дека е забрането паркирање“, стои во соопштението-реакција на „Во одбрана на Дебар Маало“.