Во НУЦК „Бели мугри“ – Кочани, денес се отвора изложбата на уметницата Викторија Митева

Првата самостојна изложба на Викторија Митева, видео инсталацијата “Контруктивна мемориска свест“ денес, со почеток во 16 часот ќе се отвори во НУЦК „Бели мугри“ – Кочани.

Изложбата на Митева, требало да биде реализиран во јуни годинава, но поради пандемијата тој стагнирал.

„Сега, откако поминаа скоро 6 месеци, проектот го “скрши мразот” на конструктивната меморија и сега настапува како би го објаснил и оправдал терминот “свест”, односно, свесното случување и реализирање на проектот. На овој настан ќе биде изложена видео-инсталација, 5 фотографии и 3 меки скулптури изработени од текстилни материјали како кепер, свила, тул и свилен конец“, пишува Александра Димитрова, стучниот соработник за визуелни уметности, архитекстура и дизајн.

Викторија Митева дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2020 година, со насока сликарство, под менторство на проф. М-р Слободанка Стевческа и модул- конзервација и реставрација. Средното образование го завршува во уметничкото училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски” во Скопје, во 2016 година. Учесник е на повеќе групни изложби во Кочани, Скопје, Њујорк, ликовни работилници и ликовни колонии во Република Северна Македонија. Со наградата која ја доделува Факултетот за ликвони уметности, насловена „Четирите мајстори на модернизмот”, во 2021 година во Галерија ФЛУ ја подготвува својата самостојна изложба.

„Конструктивна меморија (множина- конструктивни мемории)- е меморија од настан што всушност не се случил, свесно или потсвесно конструиран за да пополни празнина. Важна функција на конструктивната меморија е да овозможи симулација и замислување на идни епизоди, случувања и сценарија. Бидејќи иднината не претставуа егзактно повторување на минатото, симулацијата на идните епизоди бара систем што може да го искористи минатото на начин што флексибилно извлекува и рекомбинира елементи од претходните искуства. Терминот “свест” стои за да ја оправда субјективната свесност на крајот од процесот за она што се случувало, или она што една индивидуа го создала со помош на конструктивната меморија“, вели авторката Митева.