Во ниту еден затвор нема образование, сѐ е сведено на странски пилот-проекти, покажува извештајот на Хелсиншки комитет

Се констатира напредок, но потребни се повеќе средства и системски решенија за подобрување на условите во казнено-поправните установи во Северна Македонија, потенцираат од Хелсиншкиот комитет на денешната презентација на Извештајот од нивните посети на 10 од 11-те казнено-поправни установи низ земјата.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска ја оцени како напредок соработката со Управата за извршување на санкции, која започна по заедничката посета на Идризово со премиерот Заев и Народниот правобранител. Напредок е забележан и во намалување на пренатрупаноста, што се должи на донесениот Закон за амнестија, но и на новиот павилјон изграден по сите стандарди за околу 600 затвореници во најголемиот затвор во земјава. Наскоро ќе се пушти во употреба и новиот малолетнички затвор во Тетово. Сепак, според неа, недостасува систематизиран пристап.

„Буџетот за казнено-поправните установи од лани е намален за 60% што се одразува и на снабденоста со храна и хигиенските услови. Мора да се одвојат повеќе средства за оваа популација. Не станува збор за една институција, туку сите да си ги почитуваат своите обврски и да издвојат поголем буџет. Самите луѓе кои работат во установите се соочуваат со преизвици, ниски плати, влијанија врз нивната психичка состојба. Нашите препораки се до државата, а не само до задолжените за управување со установите. Не смееме да ги оставиме осудените лица на маргините на општеството. Потребна е политичка волја да се направи нешто повеќе за оваа популација“, вели Пировска.

Правната советничка и координаторка на овој проект, Сибел Амет се осврна на проблемите во однос на образованието, здравството, ресоцијализацијата и материјалните услови.

Од пресконференцијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права

„Во ниту еден затвор нема образование, напротив, сѐ е сведено на ниво на пилот проекти финансирани од меѓународната заедница, но тоа не е системско решение. Особено загрижувачка е состојбата  во малолетничките установи“, посочи Амет додавајќи дека затворите се соочуваат и со недоволно лекарства и медицински персонал.

Според неа, потребно е добра координација меѓу министерствата за правда, здравство и образование за да се сменат работите.

Сериозен проблем останува и пост-пеналната помош, бидејќи голем дел од затворениците се оставени сами на себе кога излегуваат од затвор.

„Надлежните сериозно да ја сфатат обврската за помагање на тие што треба да излезат од затвор за полесно да се соочат со животот надвор од решетките“, додава Амет.

Проектот „Живот зад решетки“ се спроведуваше во периодот од август 2018 до септември 2019 година, со цел да ги адресира системските проблеми со казнено-поправниот систем, со посебен фокус на почитувањето на човековите права на лицата лишени од слобода кои издржуваат казна затвор.

Извештајот содржи резиме од остварениот теренски мониторинг и се осврнува на напредокот и предизвиците документирани за време на посетите. Хелсиншкиот комитет дава и генерални препораки за надлежните институции во насока на подобрување на состојбите и условите во казнено-поправните установи.