Во недела собир – „Дојди за зелено Водно“

Повеќе граѓански еколошки организации и иницијативи во недела од 8 часот организираат собир „Дојди за Водно“. Собирот е најавен кај полициската станица во подножјето на Водно.

„Стани во недела порано и приклучи ни се да кажеме гласно – НЕ! на уништувањето и едно големо – ДА! за зелено Водно. Водно ни треба на сите нас, а ние на Водно му требаме сега!“, велат активистите.

Целта со собирот е да се упати силна порака до надлежните институции –  ДА за гасоводот, но не преку Водно. Активистите и екологистите бараат стопирање за градежните активности во парк-шума Водно, но, исто така, парк-шумата неодложно да добие статус на заштитено подрачје.

„Сите кои го сакате Водно, непрекопано и без непотребни градби и штетни проекти, дојдете на закажаното место, каде ќе биде и стартот на трката Водно-Матка trail marathon – Навивај на планинскиот маратон Водно-Матка. Ние не велиме – не на гасоводот, ние велиме – не за трасата на гасоводот преку целата должина на Водно! Кажуваат дека така е најефтино, но дали шумата на Водно и нашето здравје имаат цена? И до кога за сметка на природата и здравјето ќе се гради и ќе се уништува? Да ги заштитиме белите дробови на Скопје, кои му се сега најпотребни! Биди и ти воднољубец!“, стои во најавата за собирот.

Собирот засега е поддржан од:

Спас за Водно, Стоп на загадувањето, О2 Коалиција за чист воздух, Ние сме Карпош 4, За Спас на Кисела Вода!, Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче – „Воздух сега!“, Skopje Smog Alarm, Скопје бара чист воздух/ Shkupi kërkon ajër të pastër!, Граѓанска група Карпош 3, Зелено Тафталиџе, Green Power.