Во Хрватска стапи на сила законот со кој се забранува одгледување на животни поради крзното

Од 1 јануари во Хрватска стапи во сила забраната за одгледување на животни за да се произведува крзно, соопшти здружението “Пријатели на животните”.

Здружението укажува дека ова е резултат на долготраен силен и постојан подвиг на граѓани, експерти, институции и здруженија за заштита на животните во последните десет години.

Откако забраната за одгледување на животни со крзно во 2006 година стана дел од Законот за заштита на животните, повеќето одгледувачи на чинчили, единствените животни кои во Хрватска се одгледуваат за крзно, престанаа со производството, но останатиот дел од нив продолжија да прават бизнис и покрај законската забрана.

Одгледувачите на чинчили постојано вршеа притисок за да се укине забраната за одгледување на животни со крзно, или да се продолжи преодниот период за уште една година, на што силно се спротивставија граѓани, ветеринари, политичари, европарламентарци. јавни личности, како и граѓански организации и институции.

Здружението им се заблагодари на сите кои помогнале во реализацијата на како што велат, оваа голема победа за животните, но исто така и за луѓето.