Во Берлин денес се гласа на референдум за климатска неутралност до 2030 година

Денес, жителите на Берлин излегуваат на референдум за тоа дали градот да стане климатски неутрален до 2030 година, пренесува „Дојче веле“.

Околу 2.4 милиони полнолетни Берлинци можат да гласаат, а за да бидат воведени бараните промени, потребни се  25% од гласовите на референдумот, односно 613.000 гласачи „ЗА“.

Берлин, како и цела Германија, цели кон намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 95% до 2045 година.

Според иницијаторот на референдумот, групата „Климатски Ресет Берлин“, целта која беше воведена според Парискиот Климатски договор во 2015 година, треба да се воведе порано.

Со референдумот, групата бара тоа да биде законски овозможено од властите на Берлин.

Од „Климатски Ресет Берлин“ бараат гласачите да гласаат за амандман на веќепостоечиот закон за енергетска транзиција. Доколку референдумот е успешен, амандманот ќе стане веднаш ефективен и ќе бара акции од локалната власт. Доколку не успее во целосна реализација на барањата, локалната власт ќе е подложна на законски казни.

„Сакаме до крај да ги намалиме шансите за празни ветувања, па оваа одлука ни дава повеќе можности да вршиме притисок врз политичарите“, изјавила Џесамин Дејвис, активистка од групата.

„Берлин повика на климатска итност, но во моментов не се делува. Нема знак дека итните акции се имплементираат“, додала таа.

Скоро 80% од Берлин се снабдува со енергија од нафтени извори. Трошокот за воведување на климатската неутралност се брои во милијарди, поради реновирање на зградите и сопирање на автомобилскиот сообраќај.  Критичарите на референдумот велат дека поместувањето на годините за реализирање на целта значи кратење на важни инвестирања во други сектори како грижа за деца и образование.

Иницијаторите на референдумот немаат презентирано план за како би требало да биде финансирана транзицијата.