Владата одобри 854 милиони денари за „Трикафта“ во следните две години

Владата на вчерашната седница донесе одлука за набавка на комбинирана терапија со лекот „Трикафта“ и лекот „Калидеко“ за пациентите со цистична фиброза, во вкупна вредност од 854.549.942,40 денари, односно безмалку 14 милиони евра за следните две години, соопштија од Министерството за здравство.

„Владата даде согласност за преземање обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот, за чие плаќање е потребно користење буџетски средства во 2024 и 2025 година на Министерството за здравство, за набавка на ваквата комбинирана терапија“, посочуваат од МЗ.

МЗ е задолжено до Владата да достави предлог програма за обезбедување терапија за пациенти со цистична фиброза, за 2024 година.

Лекот e одобрен од Европската медицинска агенција, а ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив и се користи како стандардна терапија за третман на пациенти со цистична фиброза на возраст над 6 години, посочуваат од МЗ.

Инаку, од Министерството за здравство пред 3 дена соопштија дека се одобрени и 100 милиони денари за обезбедување на „Трикафта“ во комбинација со „Калидеко“ на дополнителни пациенти со цистична фиброза и истакнаа дека количината на лекот се очекува да биде испорачана во првата половина на декември оваа година.

Лекот „Трикафта“ ќе се набавува со дополнителни 100 милиони денари