Лекот Трикафта за најкритичните пациенти ќе се испорача за најмногу 30 дена, најави Владата

Лекот Трикафта за најкритичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза се очекува да се испорача во најбрз можен рок, не подолг од 30 дена, согласно процедурите за работа на самиот производител и добавувач, а врзани со спецификите на самиот лек, најави денеска Владата на Република Северна Македонија.

Оттаму посочија дека се завршени административните процедури потребни за итна набавка на лекот Трикафта за најкритичните пациенти.

„За оваа намена од Фондот за здравство минатата недела беа одобрени над 2,2 милиони евра, а во соработка со сите релевантни институции во изминатите неколку дена беа завршени сите постапки со кои се овозможува непречена итна набавка на лекот Трикафта за критичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза“, велат од Владата.

Ова доаѓа откако пред една недела беше најавено дека се обезбедени средства за итна набавка на лекот за најкритичните пациенти, како и набавка на лекот за сите пациенти со цистична фиброза преку директни преговори со производителот. Дополнително, тогаш беше најавено дека ќе се прави и тригодишна програма која ќе ги покрие сите пациенти со оваа болест.

„Дополнително во текот на денешниот ден во Владата ќе се одржи втор состанок на посебното тело во кое се директно вклучени и институциите и претставници од Асоцијацијата за цистична фиброза. На денешниот состанок, во инклузивен и транспарентен процес, се очекува да се финализираат потребните измени на законските решенија, со што ќе и се овозможи на државата директно да преговара за набавка на лекот Трикафта и на овој начин да се обезбеди лекот за сите пациенти. Со овие измени на постоечките законски регулативи, кои се очекува работната група да ги заврши до крајот на неделата, се обезбедува системско решение, бидејќи државата ќе е во можност преку директни преговори со производителот на лекот да ја набавува потребната терапија“, посочија од Владата.

Случајот со пациентите со цистична фиброза во изминатиот период предизвика бројни реакции во јавноста. Во четвртокот, граѓани пред владината зграда му оддадоа почит на пациентот Благојче Илиевски кој почина минатата недела. Претходно, Асоцијацијата за цистична фиброза одржа и протест пред Владата од каде побараа итно да се обезбедат средства за вовеување модулаторна терапија по принципот на сите европски и балкански држави.

Пациентите со цистична фиброза оддадоа почит на Илиевски – од Владата очекуваат лек до крајот на месецов