Владата го прогласи 7 мај за неработен ден на територијата на Скопје поради посетата на Папата

Владата на Република Северна Македонија донесе одлука утрешниот ден, 7 мај (вторник), да биде неработен ден за сите вработени во јавната и државната администрација на територијата на Град Скопје. Како што соопштија од Владата, одлуката е донесена согласно последните организациски проценки поврзани со протоколот за посетата на Папата Франциск, и согласно потребите и
барањата на институциите и граѓаните.

Со оваа одлука се опфатени основните и средните училишта, а градинките ќе бидат организирани непречено да ја извршуваат својата функција.

Владата им препорачува и на приватните компании, особено од централното градско подрачје да ја прифатат одлуката овој ден да биде неработен и за вработените во овој сектор, и на тој начин да го дадат својот придонес во организацијата на програмските содржини од посетата на Папата Франциск.

Дополнително ќе биде соопштено кој ден ќе биде определен за да се одработи утрешниот неработен ден.