Владата ги задолжи Министерство за транспорт, Град Скопје и МЕР да најдат решение за гасоводот

На својата 61-седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата во однос на изградбата на Магистрален гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар кај потегот на Водно.

Истовремено, ги задолжи Министерството за транспорт и врски, Град Скопје и МЕР АД Скопје во најкраток временски рок да најдат заедничко прифатливо решение во однос на изградбата на оваа гасоводна делница.

Инаку, пред две недела на сртот на Водно накај Матка се појавија багери и почнаа да копаат и тргаат дрвја за изградба на гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар, по што реагираа повеќе активисти и екологисти. „Спас за Водно“ заедно со група организации нагласија дека се ЗА гасовод, но не преку парк-шумата Водно. Побараа стопирање на градежните активности и парк-шумата неодложно да добие статус на заштитено подрачје.

Цела недела по активностите во парк-шумата, Министерството за животна средина се уште не знаеше што се случува на терен, па најави увид на локацијата. Нема информација што е утврдено. Град Скопје беше затечено од случувањата на Водно и потврди дека се стопирани активностите, најавувајќи работна група со Владата и МЕР.

ЈП „Паркови и зеленило“ тврдеше дека нема ниту дадено, ниту добиено барање за сеча. Истовремено, градежната фирма „Рапид Билд“ за Радио МОФ рече дека при постапката за вадење на правосилното решение за градење се контактирани сите релевантни институции во државава.

Од МЕР, пак, тврдеа дека гасоводот во еден дел поминува на јужната страна на Водно, во поголемиот дел на потег кој се протега на подрачја кои не се пошумени.

„Гасоводот претставува подземен инфраструктурен објект и по неговата изградба целиот потег се враќа во првобитната состојба како пред изградбата и се врши рекултивација на земјиштето“, соопшти МЕР за Радио МОФ.