Владата донесе одлука ГТЦ да добие барокна фасада

Владата донесе одлука Градскиот трговски центар (ГТЦ) да добие барокна фасада, јави телевизија Телма.

Одлуката за продолжување на изградбата на проектот „Скопје 2014“ во чии што рамки е и измената на ликот на ГТЦ, е објавена во Службен весник.

Општина Центар лани во април распиша референдум за изгледот на Градски трговски центар, но тој не успеа, бидејќи околу 40 отсто од 43 560 запишани гласачи го искористија своето право на глас, што беше за 10 отсто помалку од неопходниот цензус за успешност на референдумот.

Тогаш, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски истакна дека, повеќе од 95 проценти од оние што излегле на референдумот гласале за зачувување на автентичноста на ГТЦ.

По неуспешниот референдум, активистите од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ побараа прогласување на ГТЦ за културно наследство, во насока на зачувување на автентичниот изглед.

Архитекти , актери познати скопјани организираа неколку протести под слоганот „Големо гушкање за ГТЦ“, како и трибини со цел спас да се спаси овој објект.