Влада: Го раскинуваме договорот за рудникот „Казандол“, прекршен е сериозен услов

Владата денеска донесе одлука за едностран раскин на договорот за концесија на минерални суровини, бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол“ за општините Валандово, Богданци и Дојран.

„Владата на Република Македонија е целосно посветена на економскиот раст и на заштита на здравјето на граѓаните. Здравјето е над било кој приватен интерес, еколошката безбедност е над било кој приватен интерес. Оваа порака денес ја испраќаме до граѓаните на Валандово, Богданци, Дојран, но и до сите жители на Република Македонија“, рече денес на прес-конференција премиерот Зоран Заев.

Според Заев, договорот потпишан во февруари 2015 година со компанијата „Сардич“ е раскинат поради неисполнување на обврска, односно, рече тој, условот за изградба на постројка за производство на катоден бакар со капацитет да процесира 50% од експлоатираната руда, предвиден во членот 13.

„Предвидениот рок од две години, е суштинска состојка на договорот, бидејќи е даден како услов во јавниот повик и тендерската документација“, рече Заев.

Новинарите го прашаа дали ова ќе донесе некакви финансиски пенали, особено што „Сардич“ тврдеше дека раскинувањето на договорот ќе направи штета од 380 милиони евра. Заев на ова повторно се повика на „специјалниот услов од самиот конкурс“.

„Ако не постоел самиот самиот услов, веројатно можеле да се јават уште многу потенцијални концесионери . Условот од две години е посебен услов и во тендерската документација, и во самиот оглас. Затоа претставува составен и суштествен дел. Ова е сериозно прекршување на договорот. Македонија ако не го раскине договорот, може да биде тужена од секој потенцијален концесионер“, нагласи премиерот.