„Визионирај“ – јавен настан на кој секој ќе може да даде своја визија за постоечкото

Група млади луѓе решија да им дадат простор на сите визионери да понудат своја замисла како подобра верзија на она што веќе постои.

Концептот на „Визионирај“ е трибина со визиониери која ќе се случува на секое тримесечје и ќе биде тематски одредена. На секое тримесечје, „Визионирај“ ќе поканува, но и прима/разгледува предлози на луѓе од различни сфери и сектори кои јавно ќе сакаат да ги презентираат своите визии во петнаесет минути. После секое претставување на визиите, ќе следува сесија со прашања/одговори од страна на публиката.

Темата на првата трибина на Визионирај е „Верзии и Визии“, па сите оние кои имаат проблем со верзија на нешто во нашето општество, но имаат своја визија за подобрување можат да ни пишат и да се пријават да ни станат говорители.

Првата трибина ќе се случи на 18. ноември (сабота) од 15.00 до 20.00 часот во аулата на Филозофскиот и Филолошкиот факултет во Скопје.

„Со цел да направиме и организираме незаборавен настан имаме потреба од логистичка помош и поддршка од сите поединци, организации и/или фирми/компании кои сакаат да придонесат“, велат од тимот на „Визионирај“.

Сепак, бидејќи настанот е целосно на волонтерска база, тие имаат потреба од фотографи за време на настанот; дизајнери за изработка на неколку електронски банери и материјали; некој кој би овозможил освежување (пијалоци и ужинка) за време на петчасовната трибина; принт центри или фирми кои би направиле неколку маички со логото или беџеви, моливчиња, тетратки за публиката и гостите; медиуми и медиумска поддршка…

„Сите вие кои мислите дека можете да го поддржите случувањето на првата трибина, но и да учествувате во нејзиното организирање – контактирајте нѐ преку нашата фејсбук страница“, велат од „Визионирај“.