Викиликс објави илјадници доверливи документи на ЦИА што ги откриваат нејзините алатки за хакирање и шпионажа

Викиликс го објави, како што тврди, најголемиот пакет на тајни документи на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) досега.

Повеќе од осум илјади документи беа објавени синоќа, како прв дел од серијалот „Волт седум“ кои ги опишуваат софистицираните алатки и техники користени од агенцијата за да хакира паметни телефони, компјутери, па дури и телевизии поврзани со интернет.

Документите вклучуваат инструкции за тоа како вообичаени компјутерски алатки може да се употребат за шпионажа како на пример Скајп, ви-фи мрежите, документите во ПДФ формат, па дури и комерцијалните антивирусни програми кои милиони луѓе ги користат за да ги заштитат своите компјутери.

Програмата наречена „Wrecking Crew“ објаснува како да се влезе во нечиј компјутер, а друга пак, кажува како да се украде лозинка користејќи ја опцијата за автоматско дополнување зборови на Интернет експлорер. Меѓу споменатите програми се и CrunchyLimeSkies, ElderPiggy, AngerQuake и McNugget.

За разлика од документите што им ги даде Едвард Сноуден на новинарите во 2013 година за прислушувањето на Националната агенција за безбедност, овие не вклучуваат примери за тоа како алатките биле користени за странски цели. Тоа ја ограничува штетата што протекот може да ја предизвика на националната сигурност. Сепак, овој протек на информации се смета за срам на агенцијата, која зависи од тајноста.

Сепак, не постои доказ дали ЦИА ги користела овие алатки на Американците.

Кодните имиња користени за проектите откриени со документите на Викиликс најверојатно ги откриваат карактеристиките на сајберекспертите вработени во ЦИА – млади и мажи. Има многу референци позајмени од „Хари Потер“, „Покемон“ и „Адерал“, лекот што се користи за лекување хиперактивност. Голем број од проектите се именувани и по брендови на виски.

Објавата се случи откако планираната прес-конференција на Викиликс беше цел на кибер-напад, па затоа Асанж ги сподели документите преку Твитер.

Викиликс тврди дека ги добиле информациите од центарот за кибер-разузнавање на ЦИА во Ленгли, Вирџинија.