Виенер Цајтунг, најстариот весник во светот, престанува да се печати

Печатеното издание на австрискиот весник Виенер Цајтунг, кој излегува од 1703 година, ќе престане да се печати по одлука на Парламентот.

Австрискиот парламент усвои закон со кој се става крај на сегашната форма на дневниот весник со мнозинство гласови.

Овој медиум во својата 320-годишна историја има известувано за разни настани – од младиот Моцарт до абдикацијата на последниот хабсбуршки монарх.

Весникот беше во сопственост на Владата на Австрија од 1857 година и служи како службен весник, во кој се објавуваат огласи за отворени работни места во извршната власт и други официјални прогласи кои мора да се објават според закон. Токму овие објави станаа главниот извор на приходи за весникот и овозможи тој да продолжи да известува за актуелните новости.

Со вчерашната одлука на Парламентот, повеќе нема да биде задолжително Владата и компаниите да мора да ги објавуваат огласите во печатеното издание на весникот.

„Улогата на републиката не е да финансира и да менаџира дневен весник“, изјави австрискиот конзервативен канцелар Себастијан Курц во 2021 година, кога за првпат беа предложени ваквите измени.

Новите медиумски регулативи исто така ја менуваат и улогата на Виенер Цајтунг – од дневен весник во медиум за обуки и дополнителна едукација.

Во текст објавен на денот на гласањето со наслов „Крај со закон“, весникот тврди дека новата улога им дава нејасни задолженија, кои ќе го задушат нивниот капацитет да продуцираат новинарски содржини.

Вработените во медиумот и читателите организираа неколку протести пред Парламентот во Виена револтирани околу планираните промени во дневното печатено издание.

Весникот ќе продолжи да постои во онлајн форма и како месечник во печатено издание.