[Видео] За време на церемонијата на крунисување на Чарлс Трети уапсени 52 лица

Британската полиција вчера уапси 52 лица за време на церемонијата на крунисување на кралот Чарлс Трети, пренесува Н1.

Тие наводно биле приведени за повеќе кривични дела, вклучително и поттикнување конфликт и нарушување на јавниот ред и мир и се задржани во притвор.

Демонстрантите и организациите за човекови права ја критикуваа полицијата за апсењето на демонстрантите против монархијата, а „Хјуман Рајс Воч“ го опишува апсењето како „нешто што би очекувале да го видите во Москва, а не во Лондон“.

Стотици демонстранти облечени во жолто се собраа меѓу граѓаните на патеката на поворката во центарот на Лондон и држеаа натписи на кои пишуваше „Не е мој крал“.

Антимонархиската група „Република“ објави дека нејзиниот водач Греам Смит бил приведен пред поаѓањето на поворката и дека на социјалните мрежи кружеле фотографии на кои се гледа како полицајци им ги земаат плакатите на демонстрантите.

Командантката на лондонската полиција Карен Финдлеј рече дека апсолутно ја разбира загриженоста на јавноста по апсењата.

Таа додаде дека полицијата во претходните 24 часа започнала голема операција откако добила информација дека демонстрантите решиле да го нарушат крунисувањето.

„Република“ вети дека ќе го организира најголемиот протест против британскиот монарх во современата историја, а демонстрантите свиреа додека кралот Чарлс и кралицата Камила одеа кон Вестминстерската опатија, а службата беше јавно емитувана на големи звучници.

Протести се одржаа во Глазгов во Шкотска и во Кардиф во Велс, а учесниците држеа натписи „Укинете ја монархијата, нахранете го народот“.

На социјалните мрежи, многумина ја споредија кризата со трошоците за живот во Британија со раскошот и величественоста на крунисувањето.