[Видео] Уапсен осомничениот за новогодишниот напад во Истанбул

Осомничениот вооружен напаѓач, кој уби 39 луѓе во ноќен клуб во Истанбул за време на новогодишната ноќ, бил роден во Узбекистан и добивал обуки во Авганистан, соопшти градоначалникот на Истанбул, Васип Сахин, откако полицијата го уапси осомничениот во предградието на најголемиот турски град.

Сахин пред новинарите информираше дека лицето со име Абдулгадир Машарипов, роден 1983 година, ја признал вината и дека неговите отпечатоци на прстите биле идентични со оние пронајдени во ноќниот клуб.

„Постојат силни показатели дека осомничениот, кој зборува четири јазици, влегол во Турција нелегално низ нејзините источни граници“, објаснил Сахин, додавајќи дека било јасно дека нападот е изведен во име на Исламската држава.

Последниве две недели десетици луѓе низ Турција беа приведени и испрашувани за поврзаност со смртоносниот напад во ноќниот клуб Реина.

Сахин објасни дека скоро 2 илјади полициски службеници биле вклучени во двонеделната потрага по осомничениот. Тие разгледувале преку 7 илјади часа надзорни снимки во напорите да го пронајдат. Во куќата каде е пронајден осомничениот напаѓач, најдени биле и 200.000 долари во кеш и оружје. Властите информираат дека операциите за пронаоѓање на соучесниците во нападот продолжуваат, нарекувајќи го целиот случај „софистицирана операција“, особено бидејќи напаѓачот две недели успевал да избегне да биде фатен.

За време на нападот, вооружениот човек до местото на злосторот пристигнал со такси и ги убил 21-годишниот полицаец Бурак Јилдиз и 47-годишниот туристички агент Ајхан Арик кој поминувал покрај влезот. Потоа влегол во објектот и почнал да пука во 600 пристуни гости. Напаѓачот повеќе пати одново го полнел своето оружје за да пука во ранетите кои лежеле на подот.

Помеѓу жртвите имало и државјани на Израел, Франција, Тунис, Либан, Индија, Белгија, Јордан и Саудиска Арабија, додека 70 луѓе биле повредени.

Исис презеде одговорност за нападот, со објаснување дека нападот бил одмазда за турската воена вмешаност во Сирија.