39 жртви во напад на ноќен клуб во Истанбул, полицијата трага по напаѓачот

Најмалку 39 лица загинаа откако напаѓач пукал во исполнет ноќен клуб во Истанбул, за време на новогодишната ноќ.

Нападот се случил во 1:30 минути по полноќ по локално време, додека напаѓачот сè уште се наоѓа во бегство информираше турскиот министер за внатрешни работи, пренесе ББЦ.

„Потрагата по терористот е во тек. Се надеваме дека напаѓачот ќе биде фатен многу брзо. Ова беше масакар. Навистина нечовечка суровост“, изјавил министерот Сулејман Сојлу, додавајќи дека според нивните сознанија напаѓачот дејствувал сам.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе се бори до крај против тероризмот.

„Се обидуваат да направат хаос, да го деморализираат нашиот народ и да ја дестабилизираат нашата држава преку одвратни напади во кои мета се цивили. Како нација ќе ја задржиме ладнокрвноста и ќе застанеме уште поблиску заедно. Нема да дадеме простор на вакви подли дела“, изјави Ердоган.

Од полицијата информираа дека најмалку 15 од загинатите се странски државјани, додека уште 69 луѓе завршиле во болница, 4 од нив во сериозна состојба.

Претходно, медиумите информираа дека напаѓачот носел облека на дедо мраз, но новите снимки од безбедносните камери го покажуваат осомничениот напаѓач во црн капут пред ноќниот клуб. Министерот Сојлу, на пресконференцијата, наведе дека напаѓачот веројатно го напуштил клубот во друга облека.