[Видео] ШтоТиТежи: Психологот Ангела Лазова со совети за личен развој и мотивација

Дали мотивацијата е дел од егото или обратно? Не можам да стекнам самодисциплина?  Ми треба промена, но не знам како да почнам. Како да го направам првиот чекор?

Ова беа дел од прашањата на кои одговораше дипломираниот психолог Ангела Лазова на вчерашниот „Инстаграм takeover“ на Радио МОФ.  Лазова се приклучи на кампањата #ШтоТиТежи, која е посветена на менталното здравје на младите.

Таа своето обраќање го започна со стереотипите кон менталното здравје, кои според неа, за жал се уште се присутни во нашата држава.

„Чувствувам дека кај нас се уште има стереотипи дека треба да си слаба личност за да побараш помош, да одиш на психолог, многу луѓе се уште не се чувствуваат доволно слободни за да кажат пред своите блиски дека имаат потреба да разговараат со психолог или психијатар“, започна таа.

Според Лазова, ваквото размислување е многу апсурдно бидејќи физичкото и менталното здравје се комплексни процеси.

„Јас мислам дека слаба личност е онаа која одбива да се соочи со својата психологија, што нема храброст да зборува за своите проблеми, додека пак, да се отвориш пред некој друг со својата вистина, бара исклучителна храброст“, додаде Лазова.

Во продолжение погледнете го видеото со Ангела Лазова и нејзините совети за кариерата, образованието и интимните врски.