[Видео] Климатски активисти протестно блокираа крузер на пристаниште во Германија

Околу 50 германски климатски активисти скоро шест часа блокираа прекуокеански крузер да го напушти пристаништето во градот Кил. Групата се испречила пред бродот во помали чамци со барања да се стави крај на индустријата со прекуокеански бродови, која е меѓу најголемите светски загадувачи.

Дел од активистите се искачиле на предницата на бродот и по бродските јажиња.

„Сакаме да живееме без загадувањето од крузерите. Сакаме да живееме во свет без глобално затоплување. Па, така, мораме да направиме нешто за да го спречиме сега“, напишале од активистичката група на својот Твитер профил.

Во преписка на социјалната мрежа со британскиот Гринпис, групата додава дека нивната цел не е само индустријата на крузери.

„Сакаме климатска правда за сите води и океани, не само за крузерите и нафтените платформи. Ајде да се подготвиме да блокираме сè што согорува фосилно гориво“, објаснуваат активистите.

Ројтерс пренесе дека 46 активисти биле приведени од полицијата.