[Видео] Климатски активисти ја испрскаа Бранденбуршката порта во Берлин со боја

Членови на еколошкото движење „Последна генерација“ денеска ја испрскаа Бранденбуршката порта, симболот на Берлин, со портокалова боја.

„Протестот укажува дека е дојдено време за политички пресврт и откажување од фосилните горива и за повеќе правда“, се наведува во соопштението на движењето „Последна генерација“.

Според полициското соопштение, уапсени се неколку лица на плоштадот, кој се наоѓа веднаш до Бранденбуршката порта.

Демонстрантите користеа пренаменети противпожарни апарати за да ја испрскаат Бранденбуршката порта со боја.

Припадниците на „Последна генерација“ најавија интензивирање на акциите во Берлин во втората половина на септември со блокади на патишта. Тие најавија дека акциите ќе бидат прекинати кога германската влада ќе ги исполни барањата на демонстрантите.

Движењето „Последна генерација“ бара Германија да се ослободи од фосилните извори на енергија до 2030 година, додека владата постави краен рок до 2045 година.