[Видео] Аларм за општеството – лицата со аутизам се соочуваат со предизвици и пречки

Со песна од Ерато и со низа настани од различни организации и иницијативи, денеска се одбележува 2 април – Меѓународниот ден за поддршка на лицата со аутизам.

Целта е да стави акцент на предизвиците и пречките што луѓето со аутизам – и другите кои живеат со аутизам – се соочуваат секој ден. Да се прослават уникатните вредности, притоа ставајќи акцент на топли прегратки и добредојде.

Истовремено, да се анимира јавноста и алармира општеството. Во Македонија нема регистар за луѓе со аутизам, но ако се прифати светската состојба која кажува дека на 166 луѓе има еден аутистичен, тоа значи дека во земјава се околу 12.000.

Активистите и родителите потенцираат дека децата со аутизам имаат проблем да се запишат во некои градинки. Исто така, проблем е да бидат прифатени во училиште, иако инклузијата е законски загарантирана. Голем број образовни установи и персоналот не се подготвени за децата со аутизам, односно изоставуваат стручни тимови кои ќе работат со децата и ќе го извлечат нивниот потенцијал и талент.

Оттука, за подигнување на свеста за потребите на аутистичните луѓе, кампањата преку волонтерство и настани ги претставува прифатливите начини за комуникација.

Колективот „Ветерница“ подготви работилница за печатење на маички и Школо за жонглирање во паркот на Франкофонијата. Меѓу изведувачите имаше и аутистични деца. Mлади графит уметници, пак, го исцртаа логото на кампањата спроти скејт паркот, а целиот процес се одвиваше со интеракција со случајните минувачи.

Понатаму, се организираше качување на планина, со извидници кои уживаа во природата. Доаѓањето до врвот е успех, а извидниците од ПСИО – Првиот скопски извиднички одред се погрижија дете да го освои Крстовар на Водно. Исто така, деца на ролерки и скејтови делеа налепници, други млади луѓе лепеа постери за да анимираат минувачи, a неформалната група Ретвитни оброк подготвуваа оброци со аутистично дете.

За подигнување на свеста за аутизмот неодамна е формирана мрежата Аутизам МК / Autism awareness MK.

„На овој светски ден за свесност за аутизмот, сите да учествуваме во менување на ставовите кон лицата со аутизам и во признавањето на нивните права како граѓани кои, како и сите други, имаат право да ги бараат тие права и да донесуваат одлуки за нивниот живот во согласност со своја волја и желби“, вели Антонио Гутерес, Генерален секретар на Обединетите Нации (ОН).

Во ноември 2017 година, Генералното собрание на ОН ја усвои резолуцијата со која се осврнува на посебните предизвици со кои се соочуваат жените и девојките со посебни потреби во контекст на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Резолуцијата изразува загриженост дека жените и девојките со посебни потреби се предмет на различни форми на дискриминација, кои го ограничуваат нивното уживање на сите човекови права и основни слободи.

Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот во 2018 година се фокусира на важноста на зајакнување на жените и девојките со аутизам и вклучување на нив и нивните претставнички во организации, во политиката и во донесувањето на одлуки за решавање на овие проблеми. Затоа, фокусот на овогодишните кампањи е „Зајакнување на жените и девојчињата со аутизам“.

Аутизам е нарушување на невролошкиот развој, кое се одликува со намалена способност за социјализација и комуникација и со ограничено и повторливо однесување. Сите овие знаци се манифестираат пред три годишна возраст. Аутизмот делува на процесирањето информации во мозокот, со тоа што го менува начинот на којшто невроните и нивните синапси се поврзуваат и организираат.