[Видео] Активисти со протестен караван порачаа: Одземете ја концесијата за Иловица

„Да ги спасиме нашите деца. Не сакаме минирањето да биде наше секојдневие. Одземете ја концесијата на проклетиот рудник. Закон за сите или за никој. Стоп за рудници. Нашата судбина во наши раце“.

Ова се дел од пораките што денес на разглас ги упатија здружените активисти, кои со моторни возила и вклучени сирени одржаа протестен караван низ улиците на Струмица и населените места во котлината.

Побараа од Владата под итно да го раскине договорот за концесија за рудникот Иловица-Штука. Сметаат дека постојат правни аргументи да се одземе концесијата на „Еуромакс“ за Иловица за да можат граѓаните да не стравуваат дека неговата околина ќе биде загадена.

„Ова е предупредувачки протест и показна вежба што евентуално би можела да се трансформира во целосна децентрализирана блокада на цел Југоисток во блиска иднина, доколку владата на премиерот Заев не ги уважи законите и јасно изразената воља на граѓаните за стопирање и одземање на истечената концесија за рудникот Иловица-Штука. Знаеме за притисоците врз Владата од Трафигура, новиот сопственик на Еуромакс, но им порачуваме дека ова не е Африка за да можат како таму нечујно да иструјат илјадници луѓе притоа подмитувајќи политичари за да си играме на куклен театар“, соопштија пред почетокот на караванот здружените активисти од „Здрава котлина“, „Младите од Иловица – Штука против рудникот“ и „Еко долина“.