Весна, Билјана и Тамара – жените за кои не постои „машки свет“

Весна, Билјана и Тамара доаѓаат од сосема различни професии, но она што ги здружува е хуманата и борбената страна од нивната работа. Весна е првата пилотка во Македонија која управува со полициски хеликоптер, Билјана е меѓу ретките пожарникарки во Скопје, а Тамара е една од ретките режисерки во филмската дејност, која неодамна за својата работа доби признание и од „Санденс“.

Височините и воздухопловството отсекогаш биле предизвик за кавадарчанката Весна Петреска. Иако да се биде пилот се смета за машка професија, таа докажува дека жените сакаат и умеат да го прават тоа. Таа е првата дама која веќе 4 години управува со хеликоптер во Министерството за внатрешни работи.

„Сметам дека борбата и желбата да се постигне тоа што се сака се оние водилки, оние пресудни дали ќе се постигне. Затоа што секогаш е полесно да најдиш изговор дека нели –еј, не е дозволено, или не знам, невообичаено за нас, па на тој начин градиме некоја бариера за да се откажеме од тоа што всушност го сакаме“, вели таа.

Спасувачките акции и напорните тренинзи се дел од нејзиното секојдневие. Но, убавата страна на нејзината професија ја наоѓа во можноста да им се помогне на луѓето.

„Тука мислам дека емоциите во секоја ситуација се комплетно исклучени затоа што кога влегувап во самиот хеликоптер веќе не мислиш на своите лични емоции кон надвор кон оштеството туку си сконцентриран само на хеликоптерот, на правилно управување и на постигнување на задачата коај тие  дадена, да може да се заврши се во најдобар ред. За друго емоции не постојат“, одлучна е Весна.

Разгласот во Противпожарната бригада на Скопје најавува интервенција. Ги повикува пожарникарите да излезат на терен. Меѓу нив е и Билјана Денчовска, првата пожарникарка во Скопје, која веќе 15 години рамо до рамо со своите колеги учествуваа во разни спасувачки акции.

Фото: Деца.мк

„Јас пред да бидам овде, бев во Лавови. И тоа е како еден ви машка професија. Пак си со пушка, со оружје, и потоа прераспоредба ми дадоа тука да бидам како едно женско и бев единствена до пред некој месец. Сега имам и колешка. Се одлучив за ова затоа што ме привлекува едноставно униформата, хуманоста, акцијата, предизвиците, во суштина јас сум борец и сакам да го докажам тоа. Како дома, така и на терен“, раскажува таа.

Билјана е среќна што ги има своите колеги со кои работи како тим, бидејќи како што вели, во критичните моменти тие мора да внимаваат еден на друг.

„Оваа професија е многу ризична и опасна, така што секој не би можел да ајј работи. Пред сè треба да бидеш храбар, да имаш срце, да си хуман, издржлив и вреден за да бидеш овде“, советува Билјана.

Но, мажите не доминираат само во физички тешките професиии, туки и во интелектуалниот и културниот свет. До пред една деценија, бројот на жени-научници, директорки, па и режисерки беше на незавидно ниво. На ова се спротивставува младата Тамара Котевска, која пред неполн месец се врати со три награди од американскиот фестивал за независен филм „Санденс“. Таа заедно со Љубомир Стефанов, Самир Љума, Фејми Даут и Атанас Георгиев работеа на документарецот „Медена земја“, за последната произведувачка на мед од диви пчели во Македонија.

Според неа, достигнувањето се должи на тимската работа, преку еднаква поделба на трудот.

„Нашата силна страна беше баш на тоа што не стававме акцент на машки женски пристап, туку работевме еднакво. Но, сличноста можам да ја најдам во тоа што Атиџе е исто така жена која е во некаков машки свет, во смисла на работењето со плечите, бидејќи целата нејзина фамилија е сооставена од 10 браќа коишто се занимаваат со пчелите, таа е единствената жена меѓу нив којашто го прави тоа и нејизниот пристап е најмајчински кон тоа. Таа е единствената што вистински се придржува до тоа правило да им остави пола, таа буквално ги третира пчелите како свои деца“, смета Тамара.

За овие жени не постои такво нешто како „машки свет“. Таа бариера тие одамна ја надминале, но со јасна желба и одлучност. Велат – ако мажите се доживуваат како посилни, тогаш жените се поиздржливите.

Емилија Петреска

*Темата првично беше објавена во емисијата Мегафон, посветена на (не)рамноправноста.