„Вело родео“ во Кочани – деца ќе возат за да им помогнат на другарчињата од социјално загрозените семејства

Невладината организација „Еко лоџик“ по петти пат го организира настанот „Вело родео“, кој во петок ќе се одржи во центарот на град Кочани.

„Вело родео“ е натпревар, кој годинава се реализира во соработка со „Мрдни со прст”.

Идејата на настанот е да се промовира велосипедот како средство за транспорт во урбани и рурални средини, како и начин на забава.

„Овој пат возиме со децата за остварување на хуманитарна цел, а тоа е обезбедување на велосипеди за деца од сите етникуми, кои се во тешка економска ситуација деца без родители, и сите останати кои имаат потреба“, информираат организаторите.

На настанот ќе учествуваат околу 20 училишта од источна Македонија. По завршување на настанот теренот со велосипедските препреки ќе биде отворен за децата во публика.

„Дојдете да се дружиме, забавуваме и помогнеме каде што е најпотребно! Се гледаме во петок, во 12 часот, во центарот на град Кочани“, стои во поканата за настанот.