Велика Британија ќе ги забрани вејповите за еднократна употреба за да го заштити здравјето на децата

Владата на Велика Британија предложи забрана на вејповите за еднократна употреба како дел од плановите за справување со зголемениот број млади луѓе кои користат вејп, пишува „Би-Би-Си“.

Ќе се воведат и мерки за да се спречи продажбата на вејпови на деца како и да се води сметка за продажбата на малолетни лица.

Премиерот Риши Сунак предложи возрасните пушачи кои се обидуваат да се откажат од цигари се’ уште да имаат пристап до алтернативи како што се вејповоите.

Од владата очекуваат забраната да се воведе во цела држава. Продавањето на вејпови на лица помлади од 18 години во Велика Бртинација е веќе забрането, но вејповите за еднократна употреба – кои најчесто се продаваат во помали, шарени кутии за разлика од вејповите што се надополнуваат – според владата се „клучен двигател на алармантниот пораст на млади луѓе кои користат вејп“.

Бројките на добротворната организација „Акција за пушење и здравје“ сугерираат дека 7.6% од 11 до 17-годишниците сега користат вејп регуларно или повремено што е за 4.1% повеќе од 2020 година.

„Децата не треба да користат вејп, не сакаме да станат зависни, се’ уште не ги разбираме целосните долгорочни влијанија врз здравјето“, изјави Сунак.

Предлозите следат по минатогодишното соопштение за забрана за продажба на цигари на сите родени по 1 јануари 2009 година, што беше дел од обидот да се создаде „генерација на непушачи“.

Секретарката за здравство, Викторија Аткинс за „Би-Би-Си“ изјави дека е сигурна дека новиот предлог-закон ќе помине во собрание пред изборите кои треба да бидат годинава, што значи дека ќе стапи на сила на почетокот на 2025 година. Откако ќе се потврди времето, трговците на мало ќе имаат шест месеци да постапат според законот.

Вејповите за еднократна употреба во Македонија се продаваат на луѓе од сите возрасти, вклучувајќи и деца.

Вејповите за еднократна употреба сѐ подостапни, но тешко се рециклираат