Вејповите за еднократна употреба сѐ подостапни, но тешко се рециклираат

Користам вејп за еднократна употреба затоа што ме мамат различните вкусови, а и полесно ми е да ги пушам во однос на обични цигари. Има пријатен мирис и вкус и плус не ми треба пепелник или запалка за да користам вејп.

Ова се некои од одговорите што ни ги дадоа млади кои ги прашавме зошто консумираат вејп цигари. Вејповите, како електронски цигари за еднократна употреба кај нас пристигнаа пред неколку години, а се особено популарни кај помладата генерација, но неретко може да се забележи и дека ги пушат луѓе од сите возрасти.

Тие се достапни речиси во секоја поголема продавница или во трафики каде се купуваат обични и други видови електронски цигари. Вејповите за еднократна употреба нудат неколку стотици вовлекувања, во зависност од цената, и може да се најдат во различни бои, со најразлични вкусови.

Дополнително, тие може да содржат никотин или да имаат безникотинска течност со вкус што согорува под напон на батерија и излегува во вид на пареа, а овие цигари е дозволено да се пушат насекаде во затворени простории, вклучително кафулиња, ресторани и молови.

Фото: Радио МОФ

Спакувани во обоени цилиндрични кутии, вејповите кога се наредени на полица во продавница создаваат виножито од цигари што ги прави попривлечни од обични цигари, тутун или други електронски уреди за пушење.

Вејповите за еднократна употреба се чести „гости“ и на музички настани, а годинава ги забележавме и на фестивалот „Егзит“ во Србија каде се продаваа речиси на секој штанд со пијалаци.

За да провериме колку се популарни вејповите кај младите овде, спроведовме Инстаграм анкета во која ги прашавме младите пушачи каков вид цигари преферираат.

Иако најголемиот број од анкетираните се изјаснија дека преферираат да пушат обични цигари со тутун, 7.59% или 35 од 461 следачи на профилот на Радио МОФ кои одговориле на анкетата преферираат вејп цигари.

Зошто вејповите се специфичен избор за човекот и природата? 

Во склоп на шареното кутиче на вејпот за еднократна употреба влегуваат повеќе различни материјали како гума, пластика, бакар или друг метал и батерија. Со ваквиот спој, тие не може да се разградат, покрај тоа, се отежнува процесот на селекција и рециклирање, а доколку не се постапи соодветно со нив по употребата, различните хемикалии во нив може да бидат опасни за животната средина.

Оттука, се обидовме да рециклираме вејп во Скопје. Прво се упативме до селективните канти за ѓубре на „Пакомак“ кои се поставени речиси на секој чекор од нас заедно со контејнерите за мешан отпад. Овие корпи се поделени на три вида материјали за селекција: стакло, хартија и пластика, што значи вејповите иако содржат пластика не може да се „фрлат“ во ниту една од понудените опции. Другите канти на „Пакомак“ се поделени на пластика, хартија и останат отпад, но ниту тие не се соодветни за вејп.

Фото: Радио МОФ

Од „Пакомак“ нѐ упатија во „Нула отпад“. Вработените таму ни кажаа дека поради литиумската батерија содржана во вејповите за еднократна употреба тие треба да се рециклираат заедно со друг електронски отпад.

„Сите електронски цигари се напојуваат од батерија која ги напојува внатрешните компоненти да
испуштаат пареа од течности што содржат никотин. Литиум-јонската батерија, полначот за батерии, кабелот, никотинските касети, пластичните куќишта, сето тоа ги сместува во електронски отпад кој не е дозволено да се меша со останатиот отпад“, објаснува Билјана Костадинова од Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“.

Таа додава дека рециклирањето на електронскиот отпад во нашата држава моментално се состои во механички процес на селекција, сортирање, раздвојување и дробење. Конкретно кај електронските цигари, станува збор за бавен процес бидејќи, како што вели Костадинова, прво рачно се вади батеријата. Поради батеријата овие уреди не може да се рециклираат во машина, зашто постои можност од запалување и експлозија. Потоа сите одвоени компоненти се третираат во согласност со еколошките прописи, посебно батеријата и никотинските касети како опасен отпад, и посебно пластиката и жицата како полначи.

Батерија од вејп / фото: Радио МОФ

Како што укажува таа, електронските цигари се штетни за животната средина при производниот процес за што е потребно рударство на литиум. Тие прават дополнителна штета и поради хемикалиите на литиумската батерија особено кога се фрлени во природа или заедно со друг отпад.

„Рударството на литиум води до контаминација на локалните екосистеми и водни базени и зголемено ниво на емисија на јаглерод диоксид, а литиум-јонските батерии содржат хемиски супстанции кои се штетни за респираторниот систем на луѓето и животните. Од друга страна, доколку немаме селекција на електронските цигари, нема рециклирање, и освен штетата од неправилно отстранување неповратно се губат значајни количини на литиум и метали, а да се има еколошки извор на руда е многу подобро отколку одново почнување од нула и копање на руда и трошење на ресурси од Земјата“, нагласува Костадинова.

Со ниска свест нема ни примарна селекција

За ниската свест на луѓето кога станува збор за селектирање на отпад укажуваат податоците на Државниот завод за статистика, според кои лани дури 494.693 тони отпад или 81,7% од вкупното количество бил измешан комунален отпад, што е намалување за само 1% споредено со 2021 година. Ваквите поразителни бројки што сведочат за неуспешна примарна селекција на отпад, според Костадинова, дополнително го отежнуваат процесот на селекција и рециклирање на вејпови.

„Кога станува збор за електронските цигари за жал не можеме да излеземе со некои големи бројки, во просек се наоѓаат во кантите за отпадни батерии и ситен електронски отпад по некои 10-тина електронски цигари. Свеста за нивна селекција е многу мала а потрошувачката голема, што секако го зголемува проблемот и штетата по здравјето на луѓето и генерално квалитетот на животната средина“, посочува таа.

Како што нѐ информираа од „Нула отпад“ контејнерите за електронски отпад ги имаат поставено во сите поголеми молови и покрај поголемите јавни институции. Сепак, вели Костадинова, често се случува луѓе да ги оштетат, па дури и да ги обијат и наполнат со стара облека или друг отпад. Покрај ова постојат и помали цилиндрични задови наменети само за батерии и ситен електронски отпад кои исто така често може да се видат оштетени или ставени на некое незабележливо место.

Костадинова смета дека за да се подигне свеста, клучна е соработката од сите засегнати страни.

„Работиме континуирано со едукативни програми за деца и млади и програми за подигнување на јавната свест, чекор по чекор, но за успех неминовна е соработка меѓу сите засегнати чинители, локалната самоуправа, одговорните ресори за животна средина, производителите – увозници на електрична и електронска опрема, воспитно образовни институции, невладини институции како и потрошувачот како краен корисник и создавач на електронски отпад“, вели таа.

„Нула отпад“ често прави обнова на локациите на контејнерите за селектирање. Освен во Скопје, засега вакви кутии има и во Прилеп, Пробиштип, Кавадарци, а во следниот период ќе креираат и мапа на која ќе бидат обележани местата со контејнери во цела држава.

Како е во светот?

Радио МОФ контактираше со неколку еколошки организации за штетата што ја предизвикуваат електронските вејп цигари кога се фрлаат во природа. Дел од нив одбија да коментираат на темата, велејќи дека сѐ уште не го истражиле ова прашање.

Од неформалната еколошка организација „Чист Охрид“ споделија дека во последниот период кога се актуелизираше консумацијата на вејп спровеле мал број акции за чистење, па оттука речиси не наишле на вејпови фрлени во природа или тоа било само во мал обем.

„Капацитетите за рециклирање треба да се унапредат и прошират, а првиот и најважен чекор од тој процес е самото селектирање да се направи подостапно за граѓаните, што во комбинација со едукацијата ќе претставува поттик за секој граѓанин да придонесе во борбата против отпадот и загадувањето“, велат оттаму.

За споредба, владата на Обединетото Кралство во следниот период ќе предложи план за справување со отстранувањето на вејповите за еднократна употреба до крајот на годината. Европската комисија пак, претходно соопшти дека планира забрана на вејповите до 2026 година, додека Франција треба да го објави планот за справување со вејп цигарите до крајот на годинава.

За забраната на вејпови за еднократна употреба веќе некое време зборува и шкотската активистка за климатски промени Лаура Јонг. Таа на социјалните мрежи ја започна иницијативата #BanDisposableVapes со што инспирира млади, активисти и политичари да поттикнат акција за справување со отпадот предизвикан од вејповите.

Ангела Бошкоска