5 милиони вејпови за еднократна употреба неделно завршуваат во ѓубре во Велика Британија

Пет милиони вејпови за еднократна употреба се фрлаат секоја недела во Велика Британија, што е зголемување за четири пати во споредба со претходната година, соопштија од групата за подигање на свеста за рециклирањето „Метеријал Фокус“.

Во нивната анализа тие утврдиле дека само 17% од вејперите ги одлагале нивните вејпови во соодветните корпи за отпадоци.

Вејповите можат да предизвикаат пожар во камионите за смет и во депониите доколку не се фрлаат во соодветни места наменети за такви производи.

Од вејпинг индустријата, пак, велат дека активно работат на подобрување на нивото на рециклирање на нивните производи.

Вејповите за еднократна употреба се ефтини пластични уреди наменети на корисниците да им овозможат неколку стотина вдишувања на никотинска пареа пред да се фрлат, а овие уреди најчесто завршуваат во корпите за отпадоци или пак покрај улиците.

Од „Материјал Фокус“ пресметале дека британските граѓани купуваат околу 30 милиони вејпови месечно, што е огромно зголемување кое се отсликува со брзиот раст и популарноста на овие производи. Вејповите за еднократна употреба содржат бакарни жици и литиумски батерии, материјали кои имаат голема вредност. Според непрофитната организација, сите вејпови кои се фрлаат годишно содржат доволно литиум за да обезбедат батерии за 5.000 електрични автомобили.

Вејпоците за еднократна употреба треба да се фрлаат во посебни корпи за таа намена, во продавниците или во центри за рециклирање, кои содржат посебен минерал наречен вермикулит, кој ја намалува опасноста од пожар. Оттаму, тие се преземаат во специјални објекти за рециклирање, каде се растураат рачно.

Потенцијалниот годишен трошок за рециклирање на сите овие фрлени вејпови би изнесувал 200 милиони фунти, трошок кој не сакаат да го сносат ниту производителите, ниту дистрибутерите, ниту продавниците, велат од „Материјал Фокус“

„Има многу повеќе вејпови кои се фрлаат на земја, во јавни корпи за отпадоци и во кујнски канти отколку што се рециклираат. Во моментов инфраструктурата за рециклирање е далеку од задоволителна. Потребно е да биде едноставно да се рециклираат, исто како што е едноставно да се купат“, вели Скот Батлер, директор на „Материјал Фокус“

Нелегално е вејпови да купуваат лица под 18 години, а истражувањето покажало дека младите лица кои ги користат овие уреди многу повеќе ги фрлаат направите на несоодветни места, или пак дури ги пуштаат во тоалетите, со цел нивните родители да не откријат дека користат вејп.

Истражувањето на „Материјал Фокус“ било направено преку анкета на 5.156 луѓе.

Вејповите за еднократна употреба сѐ подостапни, но тешко се рециклираат