Велика Британија ја имаше најзелената година досега во производството на струја

Велика Британија ја имаше својата најдобра година во поглед на тоа како се произведува струјата во оваа земја, покажаа податоците од Националната мрежа. Подемот на обновливите извори на енергија овозможи да се срушат 13 рекорди во делот на производство на чиста енергија во 2017 година, пишува Гардијан.

Во јуни, за прв пат, ветерот, нуклеарната и сончевата енергија генерираа повеќе струја во Велика Британија од познатата комбинација на гас и јаглен.  Велика Британија ги преполови емисиите на јаглерод во секторот за електрична енергија од 2012 година за да го обезбеди четвртиот најчист електроенергетски систем во Европа и седмиот во светот.

Во април, Велика Британија го имаше својот прв 24-часовен период без користење на енергија од јаглен, по Индустриската револуција.

Владата се обврза да продолжи отстранувањето на јагленот со исто темпо до 2025 година, како дел од напорите за намалување на емисиите на стакленички гасови во Велика Британија во согласност со законските обврски. Наодите од истражувачката група MyGridGB покажаа дека обновливите извори на енергија обезбедиле многу поголема моќност од јагленот за 90% од 2017 година, мерено до 12 декември годинава.

Британските фарми со ветерници произвеле повеќе електрична енергија отколку постројките со јаглен во над 75% од деновите во 2017 година. Исто така и енергијата од ветрот од морето за прв пат стана поевтина од нуклеарната енергија.

Но, и покрај овие успесите, здруженија предупредуваат дека Велика Британија сега мора да се справи со својата зависност од гас, ако сака да ги исполни своите цели за емисиите на стакленички гасови. Дневниот излез на гас беше надминат од енергијата добиена од ветрот само два дена во годината. Генерално, обновливите извори на енергија – вклучувајќи ветер, соларна енергија, биомаса и хидроенергија – ги победуваат фосилните горива само 23 дена во годината.

Д-р Ендрју Керланд од „MyGridGB “и Институтот за енергетика во Дурам изјави:„Владата се фокусираше на намалување на употребата на јаглен, кој сега снабдува помалку од 7% од нашата струја.

„Меѓутоа, ако продолжиме да го користиме гасот како досега, тогаш Британија ќе нема да ги постигне заложбите за емисии на јаглеродот и опасно ќе биде изложена на ризиците за снабдувањето и цените на меѓународните пазари за гас”.