Велешки средношколци направија филтер за прочистување природна вода

Тимот „Вин“ од средното стручно училиште „Димитрија Чуповски“ од Велес, понуди иновативен филтер за прочистување природна вода, наменет при рекреација во природа во ситуација каде нема пристап до вода за пиење.

„Up-grade“ филтерот ги елиминира микробите што се наоѓаат во водата од реката, езерото или дождовната вода и ја прочистува од био-контаминација и бактерии. Иако е примарно наменет за употреба во природа, специјалниот филтер може да се користи и на училиште, работа или во домовите. Циклусот на чистење на водата се активира со едноставно полнење на шишето и протресување.

Ова и многу други креативни решенија беа претставени од средношколците пред четиричлената жири комисија во текот на минатата недела. Кампот на иновации се одржа во периодот од 9 до 23 јуни, на кој учествуваа 66 ученици, од 9 тима од средни училишта од Велес, Виница, Кочани, Струмица и Скопје. Организатор е Џуниор Ачивмент Македонија.

Второто место го освои тимот од гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин” од Скопје, со својот повеќенаменски ранец, направен од искористени материјали, а кој вклучува и водоотпорна јакна, филтер на вода и полнач со светилка, напојувана од малиот вграден соларен панел. Третонаградена беше идејата за автомати за рециклирање на стари патики од тимот средношколци од „Владо Тасевски”, Скопје.

За секој пар оставени стари и износени патики во автоматите, потрошувачите добиваат 10% попуст на спортска опрема во продавниците кои соработуваат со ученичката компанија, а дел од профитот е дониран на социјално загрозени семејства.

Џуниор Ачивмент Македонија преку спонзорства обезбеди и две додатни награди за тимовите ученици од Средно училиште „Цветан Димов” од Скопје и „Љупчо Сантов” од Кочани, со што се заокружи уште еден циклус од програмата за учебна година 2020/2021.

Девет бизнис волонтери ги водеа учениците низ процесот на пишување бизнис планови и што значи една идеја да се спроведе во реалност. Учениците на овој начин имаа можност да ја покажат својата иновативност, да го градат тимскиот дух и да се стекнат со нови знаења од областа на претприемништвото.

Овој натпревар е дел од Проектот на УСАИД за Поддршка на претприемничко учење во Југоисточна Европа и Евроазија, имплементиран од Џуниор Ачивмент Македонија, кој им овозможува на младите да стекнат практично искуство за водење бизнис и развивање нови вештини како што се тимска работа, лидерство, презентирање, планирање и финансиско работење, потребни за успешно водење на економијата во земјата.