Веб-сајтот на СПУКМ три години води кон бугарски реклами

Ако студентите на интернет побараат некаква информација за Студентскиот парламент на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (СПУКМ), меѓу првите резултати на Гугл излегува сајтот spukm.org.mk. Но, таму, наместо информации за парламентот, младите кои пребаруваат ќе налетаат на бугарски рекламен веб-сајт кој се претставува како „студентски блог“.

Интернет-страницата нуди содржини кои се пласирани како вести, совети и информации за студенти, но во секоја од објавите стои рекламен линк до сајтови за најразлични производи – од козметика и облека, преку брзи кредити и автомобилски делови, до земјоделска механизација и санитарија…

Дека блогот, покрај бугарската јавност, свесно цели и на македонските студенти покажува информацијата на дното на порталот, која очигледно е освежена во последниот период бидејќи се споменува и Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

„По кратката пауза во работењето нашиот скромен „парламент“ се врати. Нашиот блог е најмногу за нештата кои ги интересираат актуелните студенти, идните баратели на работа и работодавачите кои сакаат да ангажираат добро обучени кадри. Се фокусиравме на македонските студенти, но отсега ќе се осврнеме и на Бугарија, како дестинација која се развива. Зошто? Поради потпишувањето на договорот меѓу Бугарија и Македонија двете страни се поблиски отсекогаш и сакаме да помогнеме за тоа“, стои во информацијата за блогот.

Домејнот spukm.org.mk е преземен некаде во периодот од втората половина на 2016 и првата половина на 2017, судејќи според интернет архивата weyback machine. Последниот скриншот од македонската верзија на интернет-страницата може да се најде на 24 април 2015 година и изгледа вака:

Скриншот од spukm.org.mk од април 2015

Во следниот период страната е регистрирана дека покажувала грешка, додека за прв пат блогот на бугарски јазик во интернет архивата се појавува на 8 октомври 2017 година и изгледа вака:

Скриншот од spukm.org.mk од октомври 2017 година

Според интернет страницата на МАРнет, домејнот spukm.org.mk е регистриран од организацијата Ај Ес Џи со седиште во Бургас креирана на крајот на 2014 година, додека како контакт лице е посочен Драгој Динев. Домејнот е валиден до 7 август, односно уште 20-тина дена.

Откако го губи овој интернет домејн, Студентскиот парламент на УКИМ креира нова интернет страница spukm.org која во интернет архивите се појавува на 6 мај 2017 и згаснува некаде во втората половина на 2018 година. Оваа интернет страница во моментов не постои.

Скриншот од сајтот spukm.org од 2017 година

Покрај официјалните интернет страници понови информации за активностите на СПУКМ не можат да се најдат никаде онлајн. Последната објава на Фејсбук-страницата на Студентскиот парламент е од 19 февруари 2018 година.

По носењето на новиот Закон за високо образование (ЗВО) кој стапи во сила лани во мај, на СПУКМ му беа одземени надлежностите да биде единствено претставничко тело на студентите на УКИМ. Со новиот ЗВО се редефинира целото студентско организирање, но поради доцнење со неговата инмплементација, сè уште не се формирани нови студентски тела на ниво на Универзитетот и факултетите.

По доцнење од една година, неодамна беше донесен Статутот на УКИМ, со што конечно се отвори можноста за распишување студентски избори, а со тоа и за нов, функционален сајт на новото студентско претставничко тело.

Даниел Евросимоски