Варуфакис: Европската унија веќе не му служи на народот, на демократијата ѝ треба нов почеток

Не треба да избираме меѓу предавање кон Европа или нејзино наппуштање. Треба одново да ја започнеме, со поголема контрола на граѓаните.

Аверзијата која многумина во Британија сега ја чувствуваат кон ЕУ извира од вистинскиот инстинкт, но води кон погрешниот одговор. Без сомнение, Брисел ја презира демократијата и се луксузира во непресметливоста. Површниот компромис на Дејвид Камерон нема да направи буквално ништо за да се справи со ова. Но, истовремено, ниту глас за „Brexit“ на претстојниот референдум не е одговор.

Европската унија, во нејзината рана инкарнација, беше величествен подвиг. Нејзината конструкција овозможуваше да се ревитализираат националните култури во духот на европскиот космополитанизам, исчезнувањето на границите, заедичките институции и споделениот просперитет. И покрај различните јазици и култури, Европа почна да се зближува, во мир и привидна хармонија. За жал, јајцето на змијата беше положено на темелите на унијата која се развиваше.

Нормалните држави, како Британија, се развивале низ вековите како политички механизми да ги задржат социјалните и економските конфликти меѓу антагонистичките групи и класи (како монархијата, бароните, понатаму трговците, синдикатите итн.). Ова не е воопшто приказ за тоа како Европската унија и нејзината бриселска бирократија се развиваа.

Европската унија го почна својот живот како картел на тешка индустрија (јаглен и челик, потоа со производство на автомобили, фармери соработници, индустрија на висока технологија и друго). Како и кај сите други картели, идејата беше да се манипулира со цените и да се редистрибуираат профитите во бирократија со седиште во Брисел изградена со цел.

Овој европски картел и бирократите кои го управуваа се плашеа од демосот и ја мразеа идејата на власт на народот, исто како и администраторите на производителите на масло Opec, или било која друга корпорација. Трпеливо и методично, започнаа процес на деполитизирачко носење на одлуки, а резултат на тоа беше немилосрдниот порив да се одвои „демосот“ од „демократијата“, и го прикрија носењето на политики со продорен псевдотехнократски фатализам. Националните политичари беа великодушно наградени за нивната согласност со претворањето на даноците, Советот на Европа, EcoFin, Eurogroup и Европската централна банка во зони ослободени од политика и демократија. Секој кој му се спротивстави на овој процес беше етикетиран како „неевропеец“ и третиран како некој што ја уништува хармонијата.

Ова, со должна почит, е подлабоката причина за аверзијата која многумина во Британија инстинктивно ја негуваат за ЕУ. И во право се: цената на деполитизирањето на политичките одлуки не е само пораз на демократијата на ниво на ЕУ, туку и на лошите економски политики низ целата Европа.

Во еврозоната, за да се одржат нивните неспроведливи фискални правила, технократиите во Брисел и Франкфурт се осигураа дека економиите кои го делат еврото постојано паѓаат во компетитивно штедење, што резултира во трајна рецесија во послабите држави и низок степен на инвестирање во земјите од јадрото. Колку повеќе од нивните политики потфрлаа, толку поавторитарни стануваа и поирационални политики воведуваа.

Во меѓувреме, земјите членки на ЕУ како Британија, кои беа паметни да останат надвор од еврозоната, беа исто така под влијание на севкупниот пад на Европа во дефлација, и сега се отуѓени и бараат инспирација и партнери преку Атлантикот, или во Кина, каде ги чека само големо губење на суверенитетот (како што потврдува било кое читање на документите за TTIP и TISA спогодбите за трговија).

Денес европејците секаде, од Хелсинки до Лисабон, од Даблин до Крит, од Лајпциг до Абердин, се чувствуваат разочарани од институциите на ЕУ. Многумина се привлечени од идејата да ја разурнат ЕУ, особено затоа што се обврзани кон единствениот пазар. Оние кои навиваат за излез на Британија од унијата им ветуваат на гласачите дека ќе го добијат назад суверенитетот и ќе имаат пристап до единствениот пазар на ЕУ. Но, ова е лажно ветување.

Вистински единствен пазар бара единствена правна рамка, идентична индустрија, стандарди за пазар на труд и заштита на околината и судови кои ќе ги применуваат со иста решителност преку единствена јурисдикција. Но, за ова да се оствари треба и заеднички парламент кој ќе ги пишува законите кои ќе се имплементираат на единствениот пазар, како и извршна власт која ги спроведува одлуките на судовите.

Народ како британскиот, каде сите страни на политиката ја негуваат идејата на суверен национален парламент, не можат ни да замислат таква институција. Имаат право што се подготвени за жртва, за возвишена кауза, како купување на втора куќа на Нормандија или преселување на грчки остров.

Но, која е алтернативата? Ако ниту враќањето во кожурецот на нацијата, ниту предавањето на дезинтегрирачката бездемократска зона позната како ЕУ не се добри опции, има ли трет начин?

Да, има. Тоа е она што на официјалната „Европа“ и некои локални елити, му се противат од секој аспект на нивното авторитарно размислување: недостаток на демократија, оркестриран од европејците кои сакаат да ја вратат контролата над сопствените животи од технократите, политичарите и институциите на кои не можат да им веруваат.

На 9. февруари некои од нас, убедени во тоа што го опишав погоре, ќе се соберат во Берлин да формираат ново движење – DiEM25 (Democracy in Europe Movement 2025). Доаѓаме од сите краеви на континентот, вклучително и од Британија, и сме обединети и покрај различните култури, јазици, акценти, политички партии, идеологии, бои на кожата, полови идентитети, вери и убедувања за тоа што е добро општество.

Една едноставна, радикална идеја е нашата мотивирачка сила: да ја демократизираме Европската унија и да направиме да сфати дека ако не се случи тоа, ќе се распадне и ќе нанесе огромна штета на сите. Наш најголем приоритет е комплетна транспарентност при носењето на одлуки и итно прераспределување на постоечките европски институции кои се бават со должничките кризи, банките, неадекватното инвестирање, зголемената сиромаштија и миграцијата.

Нашата втора цел е да свикаме уставно собрание каде жителите на Европа ќе можат да учествуваат во демократијата до 2025, како и суверен парламент кој ја дели моќта со националните парламенти, регионалните собранија и локалните совети.

Дали е ова утописко? Секако дека е. Но, не повеќе од претставата дека моменталната ЕУ може да ја преживее антидемократската ароганција и големата некомпетентност разгорена од непостојаноста. Или идејата дека демократијата може да биде повторно оживеана на градите на нацијата, која се дави во транснационалниот „единствен“ пазар и нетранспарентните спогодби за трговија.

Да, нашето движење нам ни се чини утописко. Сепак, единствената алтернатива е ужасната дистопија која се случува пред нашите очи. Дејвид Камерон ја слави потенцијалната ексклузија на некои жители на источна Европа од државните бенефиции, ксенофобијата расте, амбицијата е повторно национализирана, а нови и повисоки огради се градат во име на безбедноста.

Јанис Варуфакис за Guardian