Вардар се прелева од дождот, градските власти подготвуваат вреќи со песок

Денеска во утринските часови се покрена нивото на реката Вардар, а во делот на скејт-паркот реката се прелеа во главното корито. Нашите екипи веќе извршија увид на состојбата на теренот и утврдија три критични точки на потегот  од скејт-паркот до мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“, потоа под зградата на ПИОМ во општина Аеродром и во Долно Лисиче, каде завршува регулацијата на реката Вардар, вели Емил Дуровиќ началник на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје.

Тој тврди дека Град Скопје е подготвен да се справи со можните излевања на реката Вардар и нема место за паника. Екипите се на терен, вели тој, се следи состојбата и се преземаат соодветни мерки. Веќе се подготвуваат околу 10 илјади вреќи со песок, што најбрзо ќе почне да се поставуваат на критичните точки, бидејќи во текот на ноќта се очекуваат поинтензивни врнежи.

„Штабот за заштита и спасување на Град Скопје ќе дежура и во следните 24 часа во соработка со Регионалниот центар за управување со кризи“, нагласува Дуровиќ.

Тој информираше дека по врнежите што Скопје го зафатија во текот на изминатата ноќ, утрово се состанал Штабот за заштита и спасување на Град Скопје во кој членуваат претставници од градските власти, јавните градски претпријатија, Противпожарната бригада, МВР и од Регионалниот центар за управување со кризи.

Исто така, Дуровиќ тврди дека работниците од јавните градски претпријатија со механизација веќе се на терен и го санираат насипот меѓу Горно и Долно Лисиче, кај железничкиот мост, што пред неколку години го кренаа екипите на „Улици и патишта“, а во меѓувреме бил уништен од граѓани во должина од 200 метри.

„Подготвени се и пумпи за исцрпување вода, четири големи пумпи со капацитет од 8.700 литри во минута, како и 40-ина помали пумпи кои ќе се стават во функција ако за тоа се јави потреба“, истакна Дуровиќ.

И од Центарот за управување со кризи (ЦУК) потврдија дека долж горниот тек на реката Вардар дојде до помали излевања на реката Вардар, но истовремено тврдат дека „овие излевања не предизвикаа опасност од загрозување на животот на населението и мартеријалните добра со кои располагаат“.

Освен потегот во Центар и Аеродром, во општина Сарај кај клучката Матка во близина на бензинска станица Бис Оил дошло до поплавување на подвозникот. Поплавувањето, според ЦУК, e настанато заради дождот и дефект на водоводна мрежа на ЈП „Водовод и Канализација“. Заглавени биле четири моторни возила. Луѓето биле извлечени од пожарникари.

Од ЦУК најавија дека на кејот Вардар на потегот од Влада до мостот „Гоце Делчев“, ЈП „Улици и патишта“ во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ ќе обезбеди булдожер кој по потреба ќе го расчистува насипот за изградба на панорамско тркало.

„РЦУК на град Скопје стапи во контакт со дежурните служби на браните Козјак и Матка и на нивно барање намален е испустот на вода од браната Козјак. Во моментот се испушта само биолошкиот минимум. Од страна на СВР Скопје по потреба ќе се регулира сообраќајот на одделни критични места“, информираа од ЦУК.

Од УХМР велат дека застојот на протокот на вода во центарот на Скопје е вештачки и се должи на градежните актовности во минор коритото, па поради тоа има појава на излевање во делот од шеталиштето возводно од градбите. Оттаму посочуваат дека врнежите и топењето на снегот предизвикуваат брз истек на водите во водотеците и суводолиците и оти тие ги зголемиле водостоите на сите водотеци во земјата.

Особено покачување се бележи на водотеците од западниот и северниот дел на земјата. Според податоците од терен најголеми промени на водостојот се бележи на реките Радика, Сатеска, Вардар, Треска, Лепенец.

Од ЕЛЕМ информираат дека акумулациите имаат доволно капацитет да ги примат водите од последните обилни врнежи.

Инаку, вчера во Советот на Град Скопје се одржа презентација на „Физибилити анализа на можностите за намалување на ризикот од поплави во Скопскиот регион“, која Град Скопје ја изработи во соработка со УНДП.

Ангел Панов од „Поинт Про“, кои ја правеа анализата, потенцираше дека е потребна забрана на абрана за било какви активности во речните корита. Потоа, чистење на целиот шут и градежен материјал кој е внатре. Воведување карти за ризик во урбанистичко планирање, регулација на пороите, па се до нови правила за управување со акумулацијата.

Анализа: Рашче незаштитен од поплави, градби од „Скопје 2014“ опасни за коритото на Вардар