Утре нов протест за случајот со Алмир

Граѓани по вторпат ќе излезат на протест пред Јавното обвинителство во Скопје за да го изразат своето незадоволство од судскиот процес за случајот во кој почина малиот Алмир во Куманово.

Тие се спротивставуваат на одлуката за преквалификација на делото од кривично дело „убиство“ во „несреќен случај со смртни последици“.

Протестот ќе се одржи пред Обвинителството со почеток во 13 часот, стои во најавата на Фејсбук страницата „Правда за Алмир“.

Случајот со починатиот Алмир се отвора од почеток, соопшти републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Тој за време на пратенички прашања во Собрание рече дека во Вишото јавно обвинителство е направена преквалификација на делото, заради „неможноста да се одреди умисла во делото кај обвинетиот за убиство“.

Инаку, четиригодишниот Алмир беше прегазен на 25 јуни 2016 година, по расправија која прераснала во физичка пресметка помеѓу таткото на детето и Бобан Илиќ. Според видеоснимката која беше објавена уште наредниот ден, се гледа како Илиќ со својот автомобил удира во ѕид од куќа и го прегазува детето. Тој потоа тврдеше дека се обидувал да побегне од напаѓачите.

Таткото на Алмир, Сеад Алиу и уште двајца негови роднини се товарат за насилство.

Следното рочиште за случајот со Алмир е закажано за 5 март.