УНИЦЕФ: Децата бегалци се соочуваат со смрт и сексуално насилство во либиските затвори

Бројот на деца бегалци кои се обидуваат да стигнат до Европа со брод двојно се зголемил минатата година. Илјадници деца сега се обидуваат да го поминат опасниот медитерански премин секој месец, предупредува УНИЦЕФ.

Повеќе од 25 илјади малолетници, од кои девет од десет се без придружба, патувале до Европа во 2016 година.

На најсмртоносната морска рута, меѓу Либија и Италија, проценето е дека починале 4579 луѓе, меѓу кои и повеќе од 700 деца.

Бројките се објавени во рамки на последниот извештај на агенцијата на Обединетите нации за бегалската криза, во кој детално се запишани искуствата на бегалските деца и жени кои претрпеле сексуално насилство, експлоатација, физичко насилство и казни за време на нивното патување.

„Централниот Медитеран, од Северна Африка до Европа е меѓу најсмртоносните и најопасните мигрантски рути на светот, за жените и за децата“, вели регионалниот директор и специјален кородинатор за одговор на бегалската криза во Европа, Афшан Кан.

„Рутата претежно ја контролираат криумчари, трговци со бело робје и други луѓе кои гио демнат очајните деца и жени кои само сакаат да најдат засолниште и подобар живот“.

Анкетата на УНИЦЕФ покажува дека има многу емоционално и физичко насилство кај младите луѓе, кои ги ризикуваат своите животи за да стигнат до Европа.

Некои од вкупно 122-те интервјуа биле спроведени врз деца кои имаат само пет години. Три четвртини од децата под 18 години изјавиле дека се соочиле со некаков вид на насилство, малтретирање или агресија од страна на возрасна личност.

Многу од случаите на насилство се случиле во казнените институции низ Либија.