„Унескоцид“ – Дали статусот на културно наследство прави повеќе штета, отколку добро?

Малезискиот град Џорџ Таун и неговите пристаништа беа спасени од разурнување, поради статусот на Културно наследство на Унеско. Но, нивната нова слава ги зашемети локалците поради бран на „инвазивен туризам“. Може ли било кој град да ја погоди рамнотежата?

Пристаништето Чу, во малезискиот Џорџ Таун привлекува туристи во огромни броеви. Историските домови се сега продавници брендирани со неонски знаци, а некогашните рибари продаваат маици, магнети и разгледници. Автобусите ги „растовараат“ туристите рано наутро, а пристигаат сè до зајдисонце.

Нарушувањето на секојдневието си го зема својот дел: прозорците се заковани со штици, „без фотографирање“ знаците се насекаде, а жителите веднаш ги снемува што видат непознато лице.

Иако Ках Леи забележува дека „колку повеќе луѓе доаѓаат, толку повеќе се продава во продавниците“, се надева дека туристите кои шетаат насекаде со своите камери ќе ја почитуваат нејзината приватност. Особено не сака кога ѝ влегуваат во домот непоканети.

Некогаш, сплавовите и браните во предградието на Џорџ Таун на островот Пенанг биле зафатено крајбрежно шеталиште. Неколку дрвени куќи и колиби, кои се протегаат по линија  дрвени пристаништа, се дел од малкуте зачувани бастиони на старите кинески населби во Малезија.

Седумте преостанати пристаништа преживеале две светски војни и јапонската окупација, но со истекот на времето, почнале да се оштетуваат. А, кога заканата дека ќе се претворат во зона за развој, сопствениците на колибите имале само едно место на кое можат да се обратат: во последен момент побараа заштита од УНЕСКО.

Во 2008 година, пристаништата беа прогласени за Културно наследство на УНЕСКО. Сепак, жителите велат дека не се надевале на тоа што се случува сега и дека е Пирова победа. Онаму каде некогаш рибарите, трговците на школки и гатачките ги користеле своите вештини, сега има само продавачи на сувенири и закуски. Локалците велат дека не знаеле што ќе им донесе бранот на туризам во нивното прастаро село. Слични жалби се слушаат и низ Европа ова лето, а градовите како Венеција и Барселона се обидуваат да направат рамнотежа меѓу позитивните страни на туризот и неизбежните штети кои им ги нанесува.

„Денес ќе нè немаше ако не беше статусот на УНЕСКО“, признава Чу Сиу Фенг, жителка на пристаништето Чу. Се потсеќа дека имало контантно иселување за време на нејзиното детство, бидејќи пристаништата пропаѓале.

Сепак, таа вели дека „влијаело и на нивната приватност“.

„Нашето пристаниште стана комерцијализирано. Луѓето се движат. За време на декемвриските празници, како Кинеската Нова година и Малај Раја, не се живее овде“.

Многу од вкупно 1.052 дестинации во светот кои го имаат овој статус се борат да најдат баланс меѓу економските придобивки од услугите кои ги нудат на посетителите, до зачувување на културата која го привлекла признанието.

Назначувањето за културно наследство започна во 1972 година, за да се идентификуваат и заштитат местата со „исклучителна универзална вредност“. Сепак, преку подигнување на интернационалниот профил на една локација, етикетата подгорува и наплив на посетители и ја отвора вратата до комерцијализација, која ја намалува автентичноста на локацијата.

„Тоа е неизбежна судбина: самите причини зошто некое место е избрано да биде дел од листата на светско културно наследство, се и причините зошто милиони туристи одат на овие места секоја година“, пишува Франческо Бандарин, поранешен директор на УНЕСКО за програмата за културно наследство, во прирачник од 2002 година именуван Менаџирање на туризмот во локациите со културно наследство.

Феноменот доби и име од италијанскиот писател Марко д’Ерамо, кој смета дека УНЕСКО ги зачувува зградите, но им овозможува на заедниците околу нив да бидат уништени, често токму поради туризмот. Го нарекува „Унескоцид“.

На пример, Луанг Прабанг во Лаос, кој е културно наследство и има околу 50.000 жители, сега повлекува повеќе од 700.000 туристи до 2018 година. Истражувачката Клое Морел пишуваше за различните влијанија на историското соседство Каско Виехо во Панама, кој најсиромашните жители ги однесе во уште посиромашни соседства, а централната област ја преплави со туристи.

National Geographic пишуваше за примерите како Џиан, Кина, домот на познатите глинени војници, каде лошо поставен нов музеј негативно влијаел на значајниот локалитет. Познат е и случајот на Граничниот гребен на Белизе, каде приватни бизниси го експлоатираат статусот за да продаваат мочуришна земја на муштерии на интернет.

Џо Кауст, кој предава на Универзитетот на Мелбурн, вели дека статусот на културно наследство е нож со две острици. Статусот често се смета за потенцијал „рудник со злато“ од власите кои сакаат да собираат бари од архитектонската историја, смета таа. Иако поинакво ориентирање на туризмот може да помогне да се ревитализираат заедниците, без соодветен менаџмент посетите навистина можат да ги уништат локациите.

„Заедниците под влијание на туризмот во Европа сега се обидуваат да го возвратат ударот против деструктивниот ефект на неконтролираниот туризам. Влијанието во земја од третиот свет е уште поекстремно“, вели Кауст. „Која е мотивацијата зад развојот и постигнувањето на статусот? Правење повеќе пари, или заштита на културното наследство?“, прашува професорот.