„Убиството во Кочани е фемицид“ – активисти бараат преквалификување на делото

По последниот случај на фемицид во земјава, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, кое Јавното обвинителство во Кочани го квалификуваше како „убиство на свиреп начин“, активистите од Платформата за родова еднаквост бараат преквалификување на делото во „фемицид“.

Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело –Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.

„Осомничениот, на 25 септември, на свиреп начин лишил од живот една жена, нанесувајќи и многубројни убоди со нож. Тој од дома зел кујнски нож и знаејќи го патот по кој оштетената се движи кога оди кон работа, ја пречекал и и задал повеќе убодни рани во пределот на градите, стомакот, вратот и рацете. Од повредите, жртвата починала на лице место“, стои во соопштението на ЈО Кочани.

Активистите велат дека ваквите постапки на Обвинителството и понатаму го потврдуваат фактот дека институциите уште не го препознаваат родово базираното насилство.

„Ова несомнено покажува дека фемицидот како родово базирано насилство повторно не е препознаено. Оттука, бараме Основното јавно обвинителство да го преквалификува кривичното дело – фемицидот во Кочани согласно член 123, став 2, точка 2а – друг ќе лиши од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство, согласно последните измени на Кривичниот законик“, соопштија од Платформата за родова еднаквост.

Дополнително тие најавуваат дека ќе поднесат и официјално барање до државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски за преквалификување на делото.

Од Платформата претходно изразија сомнеж дека за најновиот случај на фемицид во земјава институциите не постапиле според своите надлежности. Според нив жртвата не добила соодветна заштита и системот на заштита потфрлил, особено заради тоа што вознемирување повеќе пати било пријавувано од страна на жртвата.

Од Платформата за родова еднаквост потсетија дека пред еден месец се случи фемицид и во Куманово, со две жртви кои исто така неколку пати пријавувале насилство, но и во тој случај институциите не реагирале со должно внимание, навремено и според своите надлежности.