Убиен кандидатот за претседател на Еквадор Фернандо Вилависенсио

Кандидатот на претстојните претседателски избори во Еквадор Фернандо Вилависенсио е убиен на предизборен митинг, јавува Би-Би-Си. По атентатот, прогласена е вонредна состојба.

Вилависенсио кој беше член на националното собрание на земјата бил застрелан вчера додека го напушташе предизборниот митинг во главниот град Кито.

Тој е еден од ретките кандидати кои обвинуваат за врски меѓу организираниот криминал и претставници на владата во Еквадор.

Сведоци велат дека Вилависенсио бил застрелан три пати. Осомничениот исто така бил застрелан во престрелка со обезбедувањето, а подоцна и починал од повредите, објави јавниот обвинител на Еквадор на социјалните мрежи.

Во хаосот биле повредени уште девет лица, меѓу кои и еден кандидат за пратеник и двајца полицајци, соопштија обвинителите. Приведени се шест лица во врска со атентатот по рациите кои беа направени во Кито.

Историски, Еквадор беше релативно безбедна и стабилна земја во Латинска Америка, но неодамнешниот пораст на насилниот криминал, поттикнат од зголеменото присуство на нарко-картелите, беше централно прашање во овогодинешната претседателска кампања.

Првиот круг од претседателските избори треба да се одржи на 20 август.